• сабота, 18 мај 2024

Изведба на детската претстава „Петар Пан - Големата битка“ во Струга

Изведба на детската претстава „Петар Пан - Големата битка“ во Струга

Струга, 1 август 2023 (МИА) - Професионални актери и аматери од Куманово, Прилеп и Струга вечер ќе ја изведат театарската претстава за деца и младинци „Петар Пан- Големата битка“ на отворено, на местото викано „Кајакарско“ во Струга.

Претставата, како што информира Здружението за култура и уметност Арт Манија од Куманово, е адаптација на сегмент од истиоменото дело на Џејмс Метју Бари и на интересен, хумористичен и автентичен начин како наративно, така и визуелно ја прикажува битката помеѓу бандата на капетан Кука од една страна и Петар Пан со Венди, Џон и Мајкл од друга страна.

- Пристапот кон претставата е невообичаен, впрочем се одвива во природа користејќи ги нејзините бенефити за сценографски решенија. Така претставата делумно се одвива на копно во шумест предел, дел на вода и дел непосредно пред самата публика. Дружењето во живо со Петар Пан, Венди, Капетан Кука, гусарите, индијанците и целата Недојдија долетаа во Струга. Затоа не пропуштајте ја шансата да полетате во магичниот свет на Петар Пан, па дури и на еден час, соопшти организаторот.

Актерскиот тим го сочинуваат: Ѓорѓи Крстески, Дарко Карбески, Мишо Димитриjевски, Чедомир Митевски, Виолета Лазароска Куцуловска, Иларија Гулеска, Андреј Мандоски, Александар Мандоски, Милко Нестороски, Викторија Попоска и Евгенија Узунова.

Претставата е во соработка со НУЦК „Браќа Миладиновци”, Струга и кајакарскиот клуб „Црн Дрим“ од Струга. сс/вг/

Фото: 

Остани поврзан