ИЗБОРИ 2024/ ДИК: Од денеска до 8 март собирање потписи за кандидат за претседател на државата, канцелариите на ДИК ќе работат од 8 до 20 часот
- Постапката за собирање потписи за листи на кандидат за Претседател на Република Северна Македонија почна денеска и ќе трае до 8 март до 24 часот, потсетува Државната изборна комисија (ДИК).
Скопје, 23 февруари 2024 (МИА) - Постапката за собирање потписи за листи на кандидат за Претседател на Република Северна Македонија почна денеска и ќе трае до 8 март до 24 часот, потсетува Државната изборна комисија (ДИК).
-Потписите на избирачите во постапката на кандидирање се собираат во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија низ целата територија на Република Северна Македонија. Работното време на подрачните канцеларии на ДИК е секој ден од 8 до 20 часот, вклучително и во сабота и недела и празници, наведува ДИК во соопштение.
ДИК соопшти дека до синоќа се поднесени вкупно осум Изјави за прифаќање на иницијатива за собирање потписи за кандидирање за Претседател на Република Северна Македонија.
Тројца од подносителите на изјавите собираат потписи за кандидатура во подрачните канцеларии на ДИК и пред нотари кои самите ги определиле. Тоа се Вело Марковски,
Билјана Ванковска Цветковска и Стевчо Јакимовски.
Петорица од подносителите, собирањето на потписите за кандидирање за Претседател на Република Северна Македонија ќе го реализираат во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија. И тоа Томе Николоски, Бујар Османи, Господин Поповски, Максим Димитриевски и Ѓорѓи Манасков ев/
Фото: МИА архива