• недела, 22 декември 2024

ИДФ стравуваат за животот на бебето Кфир Бибас, најмладиот заложник на Хамас

ИДФ стравуваат за животот на бебето Кфир Бибас, најмладиот заложник на Хамас

Тел Авив, 19 февруари 2024 (МИА) – Израелската армија (ИДФ) соопшти дека се плаши за животот на бебето кое беше земено како заложник заедно со неговото семејство на 7 октомври кога Хамас го нападна јужен Израел.

- Се плашиме за нивните животи, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија. Тој го даде коментарот откако израелската армија објави снимка на која се гледа бебето од грб и неговите роднини опкружени со седум вооружени мажи во Појасот Газа. Тоа било снимено на 7 октомври, денот на нивното киднапирање. Снимките се од камера на улица во градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, на неколку километри од израелскиот кибуц Нир Оз, од каде што бебето и неговите блиски беа киднапирани.

На снимката направена од Хамас и прикажана денеска, може да се види мајката на децата, Шири Бибас, преплашена од киднаперите како силно ги гушка своите две деца.

Бебето Кфир Бибас е најмладиот заложник кој го држи Хамас. На денот на киднапирањето имало помалку од девет месеци.

Во ноември, Хамас соопшти дека бебето починало, заедно со неговата мајка и брат, велејќи дека тие биле убиени во израелско бомбардирање на Појасот Газа. Но, израелските власти тогаш не ја потврдија оваа информација.

Во денешното соопштение, семејството Бибас ги повика „оние кои ги носат политичките одлуки во Израел и во светот, кои се вклучени во преговорите за ослободување на заложниците, сега да ги вратат дома“.

- Киднапирањето деца е злосторство против човештвото и воено злосторство. Ариел и Кфир се жртви на монструозно зло, се вели во изјавата на роднините на двете деца и нивната мајка.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека снимката „не потсетува со кого си имаме работа, со сурови киднапери на бебиња“. „Ќе ги изведеме овие киднапери на бебиња и мајки пред лицето на правдата“, додаде тој.

Хамас објави и видео од таткото на двете деца, Јарден Бибас, кој исто така беше киднапиран на 7 октомври. Ова видео беше објавено по информациите дека децата и нивната мајка биле убиени во израелски напад врз Газа.

Повеќе од 75 луѓе беа киднапирани само од кибуцот Нир Оз за време на терористичкиот напад на 7 октомври.

Роднините на семејството Бибас во јануари симболично го прославија првиот роденден на бебето Кфир Бибас.

Според израелските власти, Хамас се уште држи 130 заложници во Газа. Во оваа бројка се вклучени и 30 лица за кои се претпоставува дека се мртви. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан