„Идипендент“: Филип Сејмур Хофман е најдобар глумец на 21 век
- Британски „Индипендент“ објави листа на најдобрите глумици и глумци на 21 век, на којашто се најдоа 60 филмски ѕвезди.
Лондон, 30 декември 2024 (МИА) - Британски „Индипендент (Independent)“ објави листа на најдобрите глумици и глумци на 21 век, на којашто се најдоа 60 филмски ѕвезди.
Тим од новинари се собраа за да ја создадат листата. Според нив, се работи за произволен и субјективен список, каде што постои можност изборот да не им се допадне на љубителите на седмата уметност.
„За да се создаде оваа листа, беше јасно дека треба да се утврдат параметрите. Како прво, оваа листа ги зема предвид само филмовите, а не сериите или театарските претстави. А, второ, треба да се земат предвид само филмовите објавени по 2000 година. Ако се прашувате зошто некој актер изоставени од списокот, причината би можела да биде - 2000 година“, се наведува во известувањето.
На листата се Том Круз, Мишел Вилијамс, Ејми Адамс, Хју Грант, Метју Мекконахи, Том Хенкс, Кејт Винслет, Том Харди, Вајола Дејвис, Роберт Патинсон, Рајан Гослинг, Махершала Али, Хоакин Феникс, Џеси Племонс, Адам Драјвер и многу други. А пак, во топ-10 влегоа, броено наназад: Флоренс Пју, Колин Фарел, Кејт Бланшет, Јужнокореецот Сонг Канг-Хо, Даниел Калуја, Никол Кидман, Дензел Вашингтон, Даниел Деј Луис, Ема Стоун и, на место бр. 1. е „оскаровецот“ Филип Сејмур Хофман.
Ѕвездата на филмовите „Мајсторот“, „Војната на Чарли Вилсон“, „Најбаран човек“, „Божји џеб“ и „Сомнеж“, Филип Сејмур Хофман четирипати беше номиниран за „Оскар“ (еден добиен), како и за стотина други награди. Иако кариерата ја започна во 90-тите, улогите кои ја одбележаа неговата кариера главно следеа во 21 век. Тој доби „Оскар“ за улогата на писателот Труман Капоте во филмот „Капоте“ од 2006 година. Почина во 2014 година. си/мс/
Фото: ИМДБ