• вторник, 05 ноември 2024

„Играта на зборови може да повреди", проект за превентивни активности на СВР Скопје 

„Играта на зборови може да повреди
Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Oдделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со Црвен крст - Општинска организација Кисела Вода, започна проект „Играта на зборови може да повреди", финансиски поддржан од Фондот за развој на проекти при Црвен крст на РСМ. Целта на проектот, што до крајот на оваа учебна година ќе биде спроведуван во основните училишта на подрачјето на општините Кисела Вода, Аеродром, Сопиште и Студеничани, е превенција и намалување на случаите на „сајбер булинг“ (вербално-психолошко насилство меѓу младата популација при користење на социјалните мрежи), а со едукација и зголемување на јавната свест за сериозноста на овој облик на девијантно поведение, соопшти денеска МВР. Целна група ќе бидат учениците од седмите, осмите и деветтите одделенија, а веќе се реализирани активности во основните училишта „Партение Зографски“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода. - Практично во првата фаза од проектот, конципирани се онлајн превентивни активности, односно едукативно-информативни работилници двапати неделно, при што учениците со наставникот/членот од стручната служба, едукацијата ќе ја следат преку веќе воспоставени on-line meeting конекции од страна на училиштето, каде сите ученици од тоа училиште ќе се приклучат заедно, се појаснува во соопштението. Во втората фаза од проектот, пак, предвидено е да почне со работа канцеларија за психосоцијална поддршка на жртви од „сајбер булинг“, каде жртвите може да побараат помош во Канцеларијата лоцирана во зградата на Црвен крст на Град Скопје, (на телефонскиот број 071/30 30 11 или на електронската адреса mladi.kiselavoda@redcross.org.mk). Во текот на минатата година Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со полициските станици од општа надлежност на подрачјето на Секторот за внатрешни работи реализираше низа превентивни активности, пред сѐ, посветени на младите и нивна заштита и едукацијата по однос на разните социо-девијантни и криминогени појави. Преку проектот „Безбедност во училиштата“ низ 30 едукативни работилници биле опфатени 15 основни училишта во Скопје, каде се формирани и клубови за превенција во кои партиципираат и ученици, а пак, во седум училишта на подрачјето на општина Центар биле формирани и тимови за безбедност. Реализиран е и континуираниот проект „За безбеден град“, каде фокус беа средношколците, пред сѐ, учениците од прва и втора година од средните училишта во Скопје, додека во соработка со Агенција за млади и спорт, со Град Скопје – Сектор за образование, беше реализирана кампањата „Насилството раѓа насилство – сопри го, не го разгорувај“.цр/лв/

Остани поврзан