• недела, 22 декември 2024

Иванов: Не постои незаконско финансирање на ДФРМ од страна на Агенцијата за филм

Иванов: Не постои незаконско финансирање на ДФРМ од страна на Агенцијата за филм

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Друштвото на филмските работници (ДФРМ) Игор Иванов на денешниот брифинг одговорајќи на новинарско прашање во врска со Извештајот на Работната група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм формирана од министерката за култура во заминување Бисера Костадиновска Стојчевска, напомена дека не постои никакво незаконско финансирање од Агенцијата до Друштвото. Тој потенцираше дека Државниот завод за ревизија констатирал оти средствата што ДФРМ ги има, се искористени на законски начин.

Според Иванов, наодите дека Фестивалот „Браќа Манаки“ и ДФРМ не доставувале извештаи се смешни.

-Нам не ни побарале извештај ниту од Агенцијата за филм ниту од Министерството за култура. Ние имаме обврска да доставиме извештаи и истите ги доставуваме, рече Иванов.

Прашан дали ќе тужи за клевета, тој одговори дека за тоа ќе се одлучи со пошироки консултации во нивната фела.

-Ние најавивме дека ќе преземеме акција, бидејќи самиот извештај е преполн со невистини. Таму има низа на работи кои се однесуваат на прекршување на процедури во самата постапка на таа Комисија, за која е големо и прашањето колку е надлежна да постапува, а и многу други прекршувања на закони. Ние ќе седнеме и ќе ги разгледаме сите можности за нашето понатамошно доделување. Се разбира, ова не е приватна компанија, станува збор за ДФРМ кое брое повеќе од сто активни члена и ќе мора тоа да се направи со пошироки консултации со нашата фела, додаде Иванов.

Тој рече дека во ДФРМ имало инспекции од Министерството за култура, од Државниот завод и од други инстанци и никој не констатирал никакво прекршување.

-Во ДФРМ поминаа сите по пријави од страна на Милчо Манчевски, а и по други пријави од луѓе кои се засегнати не знаеме од кои причини поминаа сите можни инспекции. Инспекции од страна на Министерството за култура, но и од Државниот завод за ревизија, кој патем се изјасни дека парите од ДФРМ се трошени наменски. Едноставно кај нас, работата е чиста и тоа е јасно и евидентно, додаде Иванов.

За обвинувањата кон Бранко Петровски, Иванов рече дека тој како финансиски советник воопшто немал ингеренции да ги одобрува проектите на ДФРМ. Петровски одобрувал филмски проекти, краткометражни, долгометражни документарни играни филмови.

-Не постои незаконско финансирање на ДФРМ од страна на Агенцијата за филм. Јас тоа не го гледам, затоа што ако Агенцијата за филм постои за нешто, тоа е за финансирање на филмот и филмските работници. Здружувањето во доменот на филмот е секаде во светот морална работа и добредојдена. Не постои Друштво што не е финансирано од страна на државата. Сите се финансирани од сопствена чланарина, но без субвенции од државата тие не би можеле да функционираат, додаде Иванов.

Уметничката координаторка на „Златна рамка“ Ана Василевска одговорајќи на прашањето како го коментира извештајот за работењето на Агенција за филм, на денешниот брифинг со новинарите, потенцираше оти смета дека Министерство за култура треба да знае дека судир на интереси во оваа држава може да констатира единствено Државната комисија за спречување на корупција.

-Вообичаено, судир на интереси може да се констатира кај функционери и во никој случај тоа не може да бидат хонорарци. Едноставно, таков е законот, рече Василевска.

Внатрешната ревизија на Министерството за култура утврди дека 39 проекти добиле околу 813.000 евра, а не снимиле филмови, дека се толерирани фалсификувани документи од повластени продуценти, дека се местени конкурси од лица со судир на интереси, незаконски исплати на пари кон ДФРМ, не биле поднесувани финанасиски извештаи за Фестивалот „Браќа Манаки“ и дека незаконски се извлекувани преку фестивалот „Златна рамка“.

Контролата била извршена во текот на април и мај 2024 година. бт/нд/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан