• недела, 22 декември 2024

Иванов: Бугарските земјоделци до крајот на годината ќе добијат 1,7 милијарда евра

Иванов: Бугарските земјоделци до крајот на годината ќе добијат 1,7 милијарда евра
Софија, 23 јули 2022 (МИА) – Бугарскиот министер за земјоделство, Иван Иванов, за ТВ НОВА коментира дека годинава за земјоделството има 3,4 милијарди лева (1, 7 милијарда евра) што до крајот на годинава ќе бидат на сметките на бугарските земјоделци. Како што јави дописникот на МИА од Софија, во 2022 година, според бугарскиот министер за земјоделство, властите ќе дадат дополнителни 700 милиони лева (350 милиони евра), кои ќе одат за сите земјоделци. -Секој кој е регистриран како земјоделски производител и ќе докаже дека реализирал производство добива поддршка, изјави бугарскиот министер за земјоделство. Сериозна поддршка за земјоделскиот сектор ќе има во наредните месеци, бидејќи до октомври ќе бидат обезбедени 600 милиони лева (300 милиони евра) за земјоделците, а главните средства ќе бидат насочени кон чувствителните сектори, како што се овошјето и зеленчукот. Иванов кажа и дека пченицата во Бугарија е веќе ожнеана, а резултатите се приближни на оние од минатата година, бидејќи земјата веќе има околу 6,5 милиони тони пченица од засеани површини од нешто повеќе од 12 милиони декари. -Таа е со  добар квалитет и за Бугарија нема опасност од недостиг на жито, а се очекува дури и да се извезе, најави Иванов. Тој потсети дека во моментов целиот синџир од нивата до трпезата е ослободен од ДДВ, коментирајќи дека наесен е многу веројатно дека ќе нема промена на цената на лебот во Бугарија. Според министерот, договорот за украинската пченица ќе има одраз врз цената на житото на светскиот пазар на пченица. Бугарскиот министер за земјоделство објави дека од Украина во неговата земја се увезени само 6.000 тони, што е занемарливо во однос на производството. Вака министерот Иванов пред неколку дена им одговори на националистите од најмалата партија „Препород“ во бугарскиот Парламент, кои ги обвинија властите во Софија дека во Бугарија се увезува украинска пченица, која ги нема потребните квалитети. Иванов коментираше и за шумските пожари во Бугарија во регионот на Пазарџик, што се очекува да бидат изгаснати денеска. Според него, од пожарите се зафатени околу 11 илјади декари шуми на ова подрачје, но додаде дека нема опасност за жетвата во оваа област. нк/сд/

Остани поврзан