• сабота, 21 декември 2024

Ивановска: Од новите членови на ДКСК очекувам да изградат силен браник од политички влијанија

Ивановска: Од новите членови на ДКСК очекувам да изградат силен браник од политички влијанија

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Претседателката на Антикорупциската комисија (ДКСК) Билјана Ивановска посакува новите членови на Комисијата да бидат подобри и поуспешни и со својот интегритет да изградат „јак браник“ од политичките влијанија. Ивановска е на ставот дека при изборот на новиот состав, доколку постои неусогласување во Комисијата за селекција, да се искористи можноста да се преслушаат интервјуата.

-Нашата држава беше пофалена кога во 2019 година се донесе новиот закон и новиот начин на избор на Комисијата. Тоа подразбира транспарентен начин, преку спроведување на интервјуа кои потоа јавно се емитуваат. Мислам дека овој начин сега требаше да го положи испитот. Тоа значи дека доколку постои неусогласување во Комисијата за селекција, да се искористи можноста да се преслушаат интервјуата и да се видат аргументите на лице место. Секој да си го каже својот аргумент уште еднаш, рече вечерва Ивановска во гостувањето на „Топ Тема“ на телевизија Телма.

Таа посакува новите членови на ДКСК да ја зацврстат позитивната оценка од Европската Комисија.

-Посакувам да бидат подобри од нас, да ја зацврстат позитивната оценка што ја добиваме пет години од Европската Комисија. И во овој извештај сега се покажа дека довербата на граѓаните е дупло поголема од претходната година, да го продолжат нашиот пат и да бидат уште поуспешни, притоа со својот интегритет да изградат еден „јак браник“ на политичките влијанија, затоа што проблемот број еден во државата е силното политичко влијание, рече Ивановска.

На прашање каде продолжува по завршување на мандатотот во ДКСК, Ивановска одговори дека ќе се врати во институцијата од каде што е дојдена, а тоа е Ревизорското тело за ревизија на ИПА фондови.

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата на 1 декември ја утврди листата за новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата.

За претседател е предложена Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР), која од членовите на Комисијата за селекција добила 76 бода. За членови на на ДКСК предложени се судијката во Основниот суд Софија Спасова Медарска со освоени 75,86, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова Шулев со 74,28 и Бесник Џемаиљи со 74,14 бода, ревизорите Зоран Богоевски со 73,57, Цвета Ристовска со 70,57 и Демири Сервет со освоени 67,28 бода.

Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари.

За претседател и членови на ДКСК, беа пријавени 41 кандидат кои на 23, 24 и 25 ноември беа испрашувани од Комисијата за избор. бт/бак/

Фото/МИА Архива

Остани поврзан