• петок, 22 ноември 2024

Ибраим се заблагодари за големата поддршка

Ибраим се заблагодари за големата поддршка
Дебар, 18 април 2022 (МИА) - По вчерашните повторени избори за градоначалник, кандидатот за градоначалник Арјан Ибраим се заблагодари на своите сограѓани и иселениците за масовната поддршка, иако не беше избран поради немање потребен цензус. - Почитувани сограѓани, браќа печалбари! Во мое име и во име на сите што останаа откако сите вие повторно заминавте, од се срце ви се заблагодарувам. Во вас се гледам себеси и мојата визија дека ова вчера не заврши, и нема да заврши! Секој од вас е по еден патриот и чесен граѓанин на оваа општина. Секој од вас е по еден Аријан! Вистината веќе секој ја виде, напиша Ибраим на Фејсбук. Ибраим кој беше кандидат на Турската демократска партија на повторените избори доби 1887 гласови, наспроти неговиот против кандидат Шаин Шаќир, од партијата за национално единство на Турците, кој освои 165 гласови. Ибраим го обвини Шаќир дека ги повикал неговите поддржувачи да не излегуваат на гласање, додавајќи дека дури ни тој самиот не излегол на гласање, што, како што истакна, потврдува дека не и посакува добро на општината и никогаш не може да ја предводи. На вчерашните избори од вкупно запишаните 7077, правото на глас го оствариле 2021 лица или 29, 97 отсто, што е околу четири отсто помалку од неопходниот цензус. Голем број жители на Жупа заедно со Ибраим, кој довербата ја бараше по третпат, ги испратија околу 700 иселеници кои беа дојдени од Италија за да гласаат кога тој вети победа на уште еднаш повторени избори во август. вт/см/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан