Зошто споредбата на бројот на активни случаи заболени од коронавирусот помеѓу државите е опасен
- И додека, во Северна Македонија, во оваа фаза, ваквата стратегија не и носи никаков кредит на Владата (напротив го зголемува незадоволството и несигурноста) Владите од земјите од регионот (од
F2N2
И додека, во Северна Македонија, во оваа фаза, ваквата стратегија не и носи никаков кредит на Владата (напротив го зголемува незадоволството и несигурноста) Владите од земјите од регионот (од различни причини како што се избори или туристичка сезона) уживаат голем кредит за стратегијата која ја спроведуваат.
Оваа кратка анализа презентира податоци за асимптоматските случаи, како и за националните стратегии за тестирање со цел спречување на ширењето на заразата од ковид-19.
Во изминативе две седмици, Ф2Н2 во својот мониторинг забележа наслови објавени на интернет портали, како и неточни тврдења од страна на поединци, насочени кон критика на системот преку споредбите на бројот на заразени лица во државите во регионот.
На почетокот да разјасниме, секоја критика е добродејдена и потребна само доколку е базирана на факти, и доколку е конструктивна, односно понуди решенија.
Обидите да се створи паника и чувство на несигурност беа забележани преку изјави и текстови во кои се тврди дека Северна Македонија се претворила во Балкански Вухан и е на врвот на земји кои имаат пораст на бројот на инфицирани на светско ниво. Текстот објавен на Инфомакс е всушност анализа превземена од New York Times, која дава приказ на зголемувањето на бројот на заразени во секоја држава во светот. Анализата е точна, од аспект на фактичките бројки кои се прикажани, тоа што порталите не го пренесуваат е дека има зголемување во сите држави во регионот, некаде поголемо некаде помало. Исто така, симптоматично е тоа што напомената од крајот на текстот (која речиси никој од порталите во Северна Македонија не ја пренесе) укажува на тоа дека презентираните податоци се линеарни односно не ги земаат предвид стратегиите на владите за тестирање и водење на статистика поврзана со КОВИД-19. Па така на пример во напомената се наведува дека некои влади известуваат само за потврдени случаи, додека други известуваат за потврдени и можни случаи. А, исто така, постои група на влади кои известуваат за двата типа на комбинирани броеви без да обезбедат начин да ги одделат потврдените од можните случаи. Тајмс напоменува дека владите честопати ги ревидират податоците или известуваат за зголемување на случаи во еден ден, без историски ревизии, што може да предизвика неправилна шема во дневно пријавените бројки.
Пораст на случаите и основите за компарација помеѓу државите
Последните две седмици Северна Македонија бележи раст на бројот на инфицирани лица од ковид-19. Во државите од соседството пак, како што сите ние сакаме да правиме споредби, овој тренд на зголемување постои, но не е така изразен како кај нас. И сега, гледано праволиниски или црно-бело некој ќе рече “…ама во Северна Македонија е најголема бројката на заболени”. Е, токму тоа е погрешно тврдење и предизвикува манипулација и паника, доколку не се земе предвид пристапот на здравствените власти за начинот на тестирање. Уште повеќе погрешно да се тврди дека некоја земја е подобра од другата врз база на различни критериуми за споредба.
На 15.06.2020 Министерот за здравство, Венко Филипче, објасни дека “86 проценти од заболените се практично во домашни услови, додека 14 проценти се хоспитализирани.” Ова значи дека земјава се соочуваа со силен бран на епидемијата, но тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика коишто се наоѓаат на домашно лекување. Ова предизвика дебата на социјалните мрежи, особено делот за т.н. асимптоматски случаи.
И додека еднострани регионални компаративни анализи за бројот на заболени единствено според критериумот “број на заболени” има а и повеќе од потребно, недостасува анализа на стратегиите и одлуките за тестирање кои ги носат епидемиолозите. Имено, никој до сега нема посочено кои се критериумите за тестирање во земјите во регионот, што пак статистички гледано, мора да биде основен предуслов доколку некој сака да ги споредува бројките.
Или, едноставно кажано, можеме ли да споредуваме која овошка е похранлива – јаболкото и портокалот само според нивниот изглед и бројност (парчиња) во еден килограм и според тоа да ги утврдиме нивните нутриционистички карактеристики. Се разбира дека е невозможно.
Што велат научните истражувања за асимптоматските случаи и националните стратегии за тестирање?
На 24-ти март 2020 година, The New England Journal of Medicine – NEJM (којшто постои повеќе од 200 години) објави научен труд со наслов “Асимптоматската трансмисија, Ахилова пета на постоечките стратегии за контрола на ковид-19”. Традиционалните стратегии за контрола на заразните болести и зачувувањето на јавното здравје во огромна мерка се базираат на рана детекција на болеста со цел спречување на ширењето на заразата. Кога ковид-19 избувна на глобалната сцена, здравствените власти започнаа со имплементирање на интервенции коишто биле употребувани за спречување на заразата од вирусот САРС во 2013 година. Генерално, овие интервенции вклучуваа детекција на болеста врз база на симптоми и следствено тестирање и изолација. Ваквиот пристап се должи на сличностите помеѓу двата вируси SARS-CoV-1 (САРС од 2003) и SARS-SoV-2 (Ковид-19). Сепак, развојот на ковид-19 покажа дека се различни, па така САРС од 2003 година беше ставен под контрола за 8 месеци, а резултираше со 8.100 луѓе заразени на лимитирани географски подрачја.
Во случајот на ковид-19, заклучно со 17.06.2020 година заразени се повеќе од 8.300.000 лица во речиси сите земји во светот. Доволни се само овие основни податоци, за да се прифати фактот дека потребни за поинакви стратегии за тестирање. Научната студија објаснува случај на анализа во дом за нега на стари лица во државата Вашингтон, а најважниот заклучок е дека во , со тестирање не треба да бидат опфатени само оние лица кои имаат симптоми, туку е потребно тестирањето да биде таргетирано на сите лица кои се во ризик од контактите со веќе заболените, без разлика на тоа што немаат симптоми. Овој заклучок е важен за оваа анализа од причина што се однесува на лица кои претстојуваат во вакви опкружувања (дом за стари лица), каде што се подолг период во непосреден контакт и делат заеднички простории. Ова во многу наликува на разните семејни собири за кои здравствените власти известуваа во минатиот период, а кои доведоа до формирање на големи семејни кластери. Според сите сличности, може да се изведе заклучок дека детекцијата и изолирањето на асимтпоматските случаи во голема мерка може да го запре ширењето на заразата.
И додека тестирањето исклучиво врз основа на покажани симптоми е применливо, сепак епидемиолошките евалуации за појавата на ковид-19 во специјализираните згрижувачки инситуции (како таа опишана од авторите на студијата “Пред-симптоматски SARS-CoV-2 инфекции и трансмисија во специјализирани здравствени установи”) силно укажува дека таквиот пристап е неадекватен. Авторите на студијата укажуваат дека брзиот пораст на заразата насекаде низ светот е јасен доказ дека ширењето на вирусот Ковид-19 е резултат на асимптоматските случаи, а стратегиите за тестирање потребно е да бидат пошироки за да ги вклучат и асимптоматските случаи. Ваквите тврдења, исто така ја поддржуваат препораката за носење на заштитни маски (повеќе детали може да се најдат на Американскиот центар за контрола и превенција на болести. Иако станува збор за мал кластер во еден дом за нега на стари лица, повторно, важно е да се напомене дека опкружувањето за кое што важат овие препораки, во голема мера соодвестува со причината поради која во Северна Македонија се појави големи кластери со заразени лица.
На 23-ти март 2020, The British Medical Journal – BMJ (којшто постои 180 години и објавува содржини од повевеќе од 70 медицински и сродни научни журнали) објави студија со наслов “Ковид-19: идентификувањето и изолирањето на асимптоматските случаи помогна во елиминирањето на вирусот во италијанско село”. Италијанските научници понудија увид во тоа дека луѓето кои се позитивни на ковид-19 а не покажуваат симптоми (или асимптоматските случаи), сепак може да ги заразат другите. Во истата студија, научниците заклучуваат “изолацијата на асимптоматските случаи е круцијална за контролата на ширењето на вирусот, како и за сериозноста на епидемијата”. Во средината на февруари, жителите на едно село оддалечено 50 км западно од Венеција, биле тестирани. Резултатите покажале дека 50-70% биле асимптоматски случаи, истите биле ставени во изолација, и во период од 10 дена имало намалување од 90% во случаите на заболени.Овие научни откритија несомнено имаат и ќе имаат ВЛИЈАНИЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ СТРАТЕГИИ И ПОЛИТИКИ ЗА ТЕСТИРАЊЕ.
Кои се стратегиите за тестирање во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, Албанија и Словенија?
Во рамките на националните стратегии и политики за тестирање, најголемиот дел од државите во регионот земаат предвид два параметри кои им се заеднички или во мала (незначителна) мерка отстапуваат. Секоја од овие држави ги тестира само и исклучиво оние граѓани кои имаат акутен респираторен проблем и/или развиле некои од посочените симптоми на болеста како што се покачена телесна температура, кашлање, потешкотии при дишење и др. Ова значи дека доколку во едно семејство се појави член со симптоми на КОВИД-19 и при тестот истиот се потврди како позитивен, а останатите членови немаат никакви симптоми, тие не се тестираат, туку во следните 14 дена се во изолација и под надзор. Доколку развијат некој од симптомите, тогаш се тестираат, а со тоа стануваат дел од државните статистики.
Во прилог на ова, во Босна и Херцеговина тестирање се врши исклучително на оние кои развиле симптом и имаат радиолошки слика за воспаление на белите дробови односно акутна респираторна инфекција. Слични се критериумите и за Црна Гора и Србија, Грција, Албанија и Словенија.
Портпаролот на грчкото Министерство за здравство, Сотирис Циодрас, има изјавено дека: “Доколку сте здрави и имате благи симптоми, не треба да се тестирате за инфекцијата”. Во Словенија е возможно тестирање и на граѓани постари од 60 години кои имаат благи или воопшто немаат симптоми. Владата на Албанија пак на почетокот на пандемијата го имаше лимитирано тестирањето на лица кои имале контакт со заразено лице, хронично болни лица и лица над 65 годишна возраст која се смета за најранлива категорија. Институтот за јавно здравје на Црна Гора има објавено прашања и одговори поврзани со коронавирусот. Едно од прашањата гласи “Во кои случаеви треба човек да се тестира од SARS-CoV-2”. Во одговорот е наведено дека дефиниција за сомнителен случај е кога пациентот ги има трите симптоми: тешка акутна респираторна болест, непостоење на друг докажан етиолошки фактор и патувања или одмор во Кина во период од 14 дена пред почетокот на симптомите. Покрај ова за едно лице да се тестира потребно е да има било каква акутна респираторна болест или пак да имал контакт со потврден случај на коронавирус, престој или работен однос во здравствена установа каде се лечат пациенти со потврдена коронавирус инфекција. Со други зборови, човек кој сака да направи тестирање поради лично осигурување нема можност ако не исполнува еден од горенаведените услови.
Србија пак отиде и чекор понатаму, со бришење од статистиката на повеќе од 4.000 активни случаи третирајќи ги како оздравени на база на еден негативен PCR тест и одминати 28 денови. На ваквиот потег од страна на Србија, реагираше и Инситутот за Јавно здравје на Црна Гора, барајќи појаснување и квалификувајќи го како сомнителен. Ако погледнеме пак надвор од регионов ќе видиме дека и Кина како и Норвешка многу одамна ги исклучија асимптоматските случаи од нивните статистики.
Значи, стратегиите и политиките за тестирање за КОВИД-19 на овие држави суштински се разликуваат и отстапуваат од стратегијата која ја има Северна Македонија.
Која е стратегијата која ја користи Северна Македонија?
Според изјавата на Министерот за здравство Венко Филипче, во Северна Македонија, поради сомневање, посебно во последните 4 недели, од равивање на големи семејни кластери на инфицирани, се тестираат цели семејства со голем број на членови, каде еден или неколку членови резултирале со симптоми и се позитивни на КОВИД-19. Значи, за разлика од сите земји во регионот, последните 4 недели во Северна Македонија се тестираат и оние граѓани, кои не развиле никакви симптоми и немаат акутен респираторен синдром, туку биле во контакт со случај потврден на КОВИД-19. Е, токму ова е отстапувањето кое не дозволува споредба на Северна Македонија со ниту една земја од регионот, или едноставно кажано, сите останати чекаат 14 дена (период потребен да се развијат симптоми) за да ги тестираат оние кои биле во контакт со лице заболено од КОВИД-19, додека кај нас тоа се прави веднаш со сите кои биле во контакт со тоа лице.
Кој е разултатот од оваа стратегија?
Резултатот е зголемувањето на бројот на активни случаи како и појава на огромен број на асимптоматски случаи. Повеќе од 3/4 од вкупниот број инфицирани се без никаков симптом односно ја немаат развиено болеста. Според официјалните изјави и податоци, еден параметар кој оди во прилог на ова тврдење е дека само 15-20% од активните случаи се со посериозни симптоми и се хоспитализирани. Додека останатите 80-85% се или со благи симптоми или без никакви симптоми (асимптоматски). Имајќи го предвид овој факт, многу е нормално во државите од регионот да има помал број на активни случаи кога огромен процент од оние кои се инфицирани а не се заболени (немаат симптоми) не се тестирани.
Дополнително, доколку го земеме предвид параметарот време, резултатот од ваквата стратегија кога е Северна Македонија во прашање би можел повеќекратно да се исплати и тоа многу брзо, од причина што во оваа фаза се контролира состојбата и се добива многу попрецизна слика и преглед на активните случаи. За другите држави, ако не веднаш тогаш многу набрзо ќе мора да се оформи таа слика која без сомнение ќе биде многу помалку розова од оваа која ја гледаме деновиве.
И додека, во Северна Македонија, во оваа фаза, ваквата стратегија не и носи никаков кредит на Владата (напротив го зголемува незадоволството и несигурноста) Владите од земјите од регионот (од различни причини како што се избори или туристичка сезона) уживаат голем кредит за стратегијата која ја спроведуваат. Која од овие стратегии е во интерес на општото здравје на граѓаните проценете сами.
Потреба да се ревидира пристапот кон компаративните анализи помеѓу земјите во борбата со ковид-19
Во изминатиот период, сведоци сме на секојдневни споредби помеѓу земјите исклучиво според бројот на заболени. Но дали е тоа единствениот критериуми според кој може да се споредуваат земјите? Секако дека не е! Зошто на пример, не ги споредиме бројките на луѓе кои се во самоизолација? Нели е тоа сериозен индикатор за контрола над ширењето на заразата?
Пандемијата е тука, и нема да исчезне за краток период, сигурен лек нема, различни тестирања се во различна фаза, предвидувањата на глобално ниво се различни, бројот на заразени, не само во регионот, туку на глобално ниво расте. Оттаму, примарната грижа треба да биде одговорот на пандемијата, а не екслузивно бројот на заболени.
И за крај, не постои систем кој може да биде оддржлив без почитување на правилата. Затоа, доколку некој до сега имаше илузија дека станува збор за голем светски заговор и дека коронавирусот е ист како и сезонскиот грип, добро да ги погледне бројките како и времетраењето на оваа пандемија, затоа што тие кажуваат нешто сосема различно.
Затоа, најдобрата заштита е да се почитуваат мерките, без нивно почитување, уште долго ќе броиме и пребројуваме, и на крајот пак некој друг ќе ни биде виновен, а никогаш ние самите.
F2N2