• среда, 25 март 2026

ЗНМ и ССНМ: Славески со дисквалификации наместо одговори кон новинарите на ТВ Канал 5

ЗНМ и ССНМ: Славески со дисквалификации наместо одговори кон новинарите на ТВ Канал 5

25 март 2026

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагираат на односот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кон новинарот на ТВ Канал 5, кој на вчерашниот јавен настан наменет за медиумите, наместо јасни одговори на прашања од висок јавен интерес, избра потценувачки и дисквалификувачки однос кон новинарите. На директните новинарски прашања, Славески изјави дека прашањето е „апсолвирано“, а потоа на новинарот од Канал 5 му порача: „Добро, за ова разговарајте со вашиот уредник и прашајте го кои се мотивите за овој напад врз централната банка“.

За ЗНМ и ССНМ, ваквиот настап е недозволив за носител на висока јавна функција. Новинарите не се должни да трпат омаловажување, инсинуации и префрлање на вина само затоа што поставуваат непријатни, но легитимни прашања во интерес на јавноста. Наместо аргументи и отчетност, јавноста виде обид новинарските прашања да се претстават како напад, а новинарите да се дискредитираат пред камери.

ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека јавните функционери имаат обврска да покажат повисоко ниво на политичка култура, институционална зрелост и почит кон медиумите. Критичките прашања не смеат да се третираат како непријателски чин, туку како составен дел од јавната отчетност и демократскиот надзор врз институциите. Секој обид за дискредитација на новинарите или за доведување во прашање на нивните мотиви претставува лоша порака кон целата медиумска заедница и кон јавноста.

Го повикуваме гувернерот Славески, како и сите носители на јавни функции, да се воздржат од дисквалификации, омаловажување и етикетирање на медиумите, и наместо тоа да покажат почит, транспарентност и одговорност во комуникацијата со новинарите.

ЗНМ и ССНМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан