• недела, 22 декември 2024

Златна лира 2021: Концерт на пијано дуото Димовска - Божиновска

Златна лира 2021: Концерт на пијано дуото Димовска - Божиновска
Скопје, 19 октомври 2021 (МИА) - Во Музејот на македонската борба вечерва во рамки на фестивалот Златна лира 2021, публиката ќе има можност да ужива во концертот на пијано дуото Билјана Димовска и Татјана Божиновска. На програмата се дела од Франц Шуберт, Фредерик Шопен, Сергеј Рахмањинов и Камиј Сен-Санс. Пијано дуото Билјана Димовска - Тајтана Божиновска делува од 2009 година со изведба на репертоар од барокот до современата музика. Дуото реализирало повеќе рецитали низ бројни градови на земјата, како и настапи на фестивалите „Интерфест“, „Златна лира“, „Прилепско културно лето“, Музички моменти и други. Пијанистката Билјана Димовска е родена 1978 год. во Битола. Во 2000 година дипломира, а во 2003 година и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Настапувала на повеќе значајни манифестации во нашата земја: „Денови на македонската музика”, „Скопско лето”, „Битолско културно лето” „Хераклејски вечери“, „Прилепско лето“, „Денови на полската култура во Македонија”, „Музички вторник“, “ Златна лира”, „Интерфест“ – Битола. Добитничка е на повеќе државни и меѓународни награди: I награда на Интернационалниот натпревар во Бугарија „Нашите деца го свират Бах”; Специјална награда „Стефан Трајанов“ на истиот натпревар. Има настапено како солист со Македонската филхармонија и со Симфонискиот оркестар при Факултет за музичка уметност од Скопје. Димовска е активна и како камерен музичар, а меѓу нејзините соработки се вбројуваа и онаа со саксофонистот Боби Коминовски со кого во 2005 година реализираат и компакт диск. Работи во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано. Пијанистката Татјана Божиновска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 година ги завршува и докторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и прoф. д-р Димитрије Бужаровски. Одржала бројни концерти и рецитали во Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, Америка, Хрватска, Австрија, Норвешка, Полска, Турција, а настапувала и како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар. Нејзината биографија бележи настапи на сите позначајни музички фестивали во нашата земја: “Охридско лето“, “Денови на македонската музика”, “Скопско лето”, “Хераклејски вечери”, “Битолско културно лето”, “Штипско лето”, „Прилепско лето', “Пролетни вечери”, “Есенски музички свечености”, “Денови на полската култура во Македонија”, “Ден на културата во Битола”, „Музички вторник“, „Златна лира“, „Интерфест“ - Битола. Божиновска ја развива својата концертна активност и во областа на камерната музика. Таа е членка на триото “Интерарт”, со кое активно концертира во земјата и надвор од нејзините граници на меѓународни фестивали и настани. Со „Интерарт“ таа реализира и три аудио компакт дискови, а во 2006 година триото го добива и највисокото признание на Град Битола – наградата „4 ноември“. Божиновска е дел од проектот „Пијано рефлексија на европската култура“ кој во периодот од 2009 до 2011 година се реализираше во пет земји: Франција, Австрија, Молдавија, Полска и Македонија. Работи како професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола. цр/вг/  

Остани поврзан