• петок, 22 ноември 2024

ЗКРСМ бара поголеми субвенции за самовработување и отворање сопствени бизниси

ЗКРСМ бара поголеми субвенции за самовработување и отворање сопствени бизниси

Куманово, 5 август 2024 (МИА) - Занаетчиската комора е задоволна од одѕивот на учениците кои одбраа стручно наспрема гимназиско образование и бара суштинска промена и зголемување на субвенциите за отворање сопствени бизниси која ќе придонесе младите кадри да останат во државава, информираа денеска надлежните од занаетчиската комора на Република Северна Македонија.

Недостатокот од одредени профили се надоместува со увоз на работна сила, комората бара да се зголемат субвенции за отворање на сопствени бизниси и македонскиот кадар да остане во земјава.

- Во дуалното образование има субвенции, но потребна е поддршка да се задржи квалитетна работна сила која ја имаме во земјава. Воедно, фирмите кои имаат потпишано меморандум за соработка бараат исплата на трошоци за менторска обука и за репроматеријалите, што дополнително ќе го подобри квалитетот на практичната настава. Институциите не треба да дозволат младите да заминат во странство каде што занаетите навистина се ценат и одлично се платени. Затоа е потребно зголемување на субвенциите на пример за мерката самовработување. Пет илјади евра се можеби доволно да се отвори фризерски салон, но недоволни за автомеханичари или пекари, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлии.

ЗКРСМ бара државата да реагира во ова насока, да воведе суштински промени. За комората добро е искуството од Хрватска која субвенционира дури 30.000 евра за отворање сопствен бизнис и останат младите во нивната држава.

- Такви промени се потребни и кај нас. Не може да бидете конкуренти со несоодветна опрема, туку со модерна која не може да се набави со сегашните пет илјади евра, вели Фазлии.

Повисоките субвенции, сметаат надлежните од комората ќе придонесат бизнисите побрзо да се развијат, занаетчиите ќе можат да вработат сопствен кадар со одредени клаузули со кои ќе се задржат занаетчиските дејности во државата и ќе се намали недостатокот од одредени кадри, механичари, бравари, водоводџии, електричари … ам/ир


Фото: МИА

Остани поврзан