• недела, 22 декември 2024

Земјоделците во Кочанско ќе добијат околу 8,3 милиони денари преку поддршката за „зелена нафта“

Земјоделците во Кочанско ќе добијат околу 8,3 милиони денари преку поддршката за „зелена нафта“

Кочани, 19 септември 2023 (МИА) – Во просториите на Подрачната единица за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани почна распределбата на вредносните ваучери со кои се субвенционира набавката на гориво за земјоделска механизација.

Во евиденцијата на службата се регистрирани над 2.400 земјоделски стопанства во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, кои поднеле електронски барања до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој по Програмата за 2023 година. Вкупната финансиска поддршка за нив ќе изнесува близу 8,3 милиони денари.

-Земјоделците можат лично да ги подигнат картичките кај нас, при што неопходно е да приложат документ за идентификација. Со ваучерите, односно со картичките ќе можат да набават гориво на која било бензинска пумпа на „Макпетрол“, најдоцна до 30 април 2024 година. Ако им преостанат средства што не ги искористиле, после тој рок ќе им бидат блокирани. Поединечниот износ што ќе го добие секој земјоделец како субвенција за горивото е во зависност од површината што претходно ја пријавил дека ќе ја обработува, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица за земјоделство во Кочани.

За да можат да ја добијат финансиската поддршка за купување дизел гориво, земјоделците треба да ги имаат платено обврските за воден надоместок кон АД Водостопанство.

Со мерката на Министерстовото за земјоделство за набавка на „зелена нафта“ се опфатени близу 49 илјади земјоделци во целата држава за кои е обезбедена сума од 275 милиони денари од програмата за финансиска поддршка во земјоделството. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан