Зеленски: Можни се преговори со Русија, но само со безбедносни гаранции од САД и Европа
- Украинскиот претседател истакна дека е можно војната на Русија против Украина да заврши во 2025 година, но за да се случи тоа мора да се зајакнат санкциите против Москва, а Киев да добие безбедносни гаранции.
Киев, 9 февруари 2025 (МИА) - Можни се преговори меѓу Украина и Русија, но само со безбедносни гаранции од западните партнери, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за британската телевизија ИТВ Њуз.
Зеленски рече дека е подготвен за каков било формат на преговори со Русија доколку има јасни гаранции дека САД и Европа нема да ја напуштат Украина.
- Кога би имал уверување дека Америка и Европа нема да не напуштат, туку ќе не поддржат и ќе ни дадат безбедносни гаранции, би бил подготвен за секој формат на преговори, нагласи Зеленски.
Украинскиот претседател истакна дека е можно војната на Русија против Украина да заврши во 2025 година, но за да се случи тоа мора да се зајакнат санкциите против Москва, а Киев да добие безбедносни гаранции.
Посочи дека Украна нема да прифати замрзнување на конфликтот, што, според него, „само ќе го одложи новиот бран на агресија“.
- Доколку и се дозволи на Русија да ја задржи контролата врз окупираните територии, Путин ќе го сфати тоа како сигнал за неказнивост и за неколку години повторно ќе започне војна. Потребни ни се вистински безбедносни гаранции кои ќе ја оневозможат новата агресија, рече Зеленски.
Тој исто така истакна дека планот за праведен мир треба да се заснова на меѓународното право и да ги земе предвид украинските интереси, а не да биде од корист само за трети земји.
Зеленски кажа дека верува оти американскиот претседател Доналд Трамп сака да се стави крај на војната во Украина.
Претседателот на САД Доналд Трамп претходно денеска изјави дека имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак, изјави дека не може „ниту да потврди ниту да демантира“ дали имало телефонски разговор помеѓу претседтелите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.са/
Фото: МИА архива