• четврток, 02 јануари 2025

Здружение „Градиме Иднина“: Поголема грижа во 2025 година и бездомните лица да се стават во секоја програма и приоритет

Здружение „Градиме Иднина“: Поголема грижа во 2025 година и бездомните лица да се стават во секоја програма и приоритет

Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Здружението „Градиме Иднина“ бара од Владата, МТСП, сите социјални служби и општините да изнајдат решение за бездомните лица, да се згрижат во поголеми и опремени прифатни центри или пак да се издвојат средства и изградат социјални станови за сите бездомни лица, како за други социјални категории, и да плаќаат минимална закупнина.

Од Здружението посочуваат дека бездомни лица во Македонија се околу 800. Пунктот Момин Поток згрижува од 30 до 35 лица и тоа само во периодот кога е најстудено од 29 до 31 декември, по што овие лице повторно завршуваат на улица на минусни температури. Од топлите горештини и минусните температури бездомните лица завршуваат со големи последици врз нивното здравје и многумина од нив се пронајдени починати од премрзнатост, големи температури во летниот период, недоволно заштитени и незгрижени.

- На бездомните лица не само покрив над глава, туку и вработување им е потребно на место да завршуваат на улица, по булевари, крстосници и секој ден да питачат. Местото не им е на улица под студ и на отворено под ведро небо. Кога животните имаат свој топол дом и покрив над глава, како и граѓаните кои имаат свој дом, тогаш и овие маргинализирани лица заслужуваат да имаат покрив над глава, се вели во соопштението и се додава дека Здружението „Градиме Иднина“ спасило многу човечки животи со помош на медиумите, главните уредници, новинарите и дописниците новинари од цела Македонија.

Од Здружението бараат поголема грижа во 2025 година и бездомните лица да се стават во секоја програма и приоритет.

- Нашата работа не престанува. Ние продолжуваме заедно со Вас, хуманите граѓани и компании, секојдневно да им помагаме на овие семејства и луѓе и да ги водиме битките кои тие не можат сами за себе да ги водат. Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање од ваша страна и дека овие наши пораки ќе ги споделите со граѓаните, компаниите, здруженијата и институциите во Македонија. Особено се надеваме дека овие пораки ќе допрат до раководствата на Републичкиот Црвен Крст и Црвен Крст на град Скопје, и конечно ќе се одважат и ќе почнат да си ја работата за која постојат, се наведува во соопштението објавено од Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градима иднина“. цр/лв/

Фото: принтскрин

Остани поврзан