• петок, 22 ноември 2024

Здружението „Инклузива“ ангажира лични асистенти за седумнаесет корисници во Куманово

Здружението „Инклузива“ ангажира лични асистенти за седумнаесет корисници во Куманово

Куманово, 25 февруари 2020 (МИА)

Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“  ангажираат лични асистенти за седумнаесет корисници во Куманово, информираа денеска од здружението. Оттаму појаснуваат дека нивното здружение е лиценциран давател на социјална услуга-лична асистенција за лица со попреченост.

-Почнавме како пилот програма на Владата уште во август 2018-та година,  работевме по пилот програма и 2019, но од 1 јануари годинава, работиме според новиот Закон за социјална заштита и сме лиценциран давател на оваа социјалната услуга. Досега немаше лиценцирање на невладини организации. На ниво на државата сме лиценцирани само Црвен Крст и здружението „Инклузива“, појасни претседателката на здружението, Благица Димитровска.

Услугата е исклучително потребна за лицата со попреченост, затоа што им нуди поддршка во домашни услови на лицата кои што се слепи и лица кои се во инвалидска количка,  поддршка во образовниот процес. Услугата се однесува на лица кои се над 18 години и опфаќа  помош на работно место и во социјалниот живот, вклучувајќи лепеза на активности кои  лицата со попреченост не можат самостојно  да ги спроведуваат. Претходно, за ваквите активности се грижеле членовите на семејствата.

-Со оваа услуга, членовите на семејствата можат економски да зајакнат затоа што можат да работат, а во исто време личните асистенти ја намалуваат бројката на невработеност во нашата општина и во сите општини. Засега личните асистенти хонорарно се ангажирани, но понатаму сигурно ќе се преземат мерки и за решавање на нивниот статус, вели Димитровска.

Асистентите им помагаат на лицата со попреченост полесно да се вклопат во редовните активности во локалната заедница и полесно да се интегрираат.
-Првпат во Општина Куманово има вработено лице кое е слепо, а личниот асистент му помага при вклучување во работниот процес, вели Димитровска. ам/ир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан