• петок, 22 ноември 2024

Здружението „Хема-онко“ и годинава реализираше појадок со пациенти на Онкологија

Здружението „Хема-онко“ и годинава реализираше појадок со пациенти на Онкологија

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Здружението „Хема-онко“ и годинава реализираше појадок со пациенти на Клиниката за онкологија во Скопје. На штандот, случајните минувачи можеа и да добијат повеќе информации за тоа што ги интересира. Од настанот, меѓу другото, беа побарани и современи терапии, а беше споделено и дека на скен на коски во моментов чекаат 100 пациентки со приоритетни упати препратени на испитување поради продолжеток на терапија. Според одговорот од институцијата, станувало збор за немање изотопи.

- Денешниот настан е појадок со онколошките пациенти, што го организира Здружението „Хема-онко“ по вторпат, минатата година беше за првпат. Тука сме за да ги поддржиме оние пациенти кои лежат овде на Клиниката, да знаат дека не се сами, како и оние кои примаат терапија. Во меѓувреме, ќе продолжиме да работиме на проблемите што онколошките пациенти ги имаат во лавиринтот што е здравствениот систем во Република Македонија, нагласи Ана Марјановиќ.

Како што појасни таа, имало напредок, но, тој бил толку мал, дури и незабележителен. Таа подвлече дека важна е соработката со Онкологија и со Министерството за здравство, како што тоа го прават светски земји, бидејќи само доколку комуницираат, не само со пациентите, пред се со онколошките здруженија, ќе знаат во кој правец да се движат промените и како до подобро здравство.

- Последните информации се дека на скен на коски во овој момент чекаат 100 пациентки кои се од Онкологија со приоритетни упати препратени на тоа испитување поради продолжеток на терапијата. Што значи, додека испитувањето не се направи, тие се без терапија, а тоа како што знаеме, само понатаму го комплицира нивното лекување. Проблемот што е посочен од институцијата, е, дека немаат изотопи. Јас штотуку ја споделив таа информација и со министерот. Два месеца отприлика се чека, тоа е информацијата што јас ја имам, нагласи Марјановиќ.

Таа појасни дека тоа значи оти пациентките се испратени од Онкологија, меѓутоа не можат да бидат снимени бидејќи нема изотопи.

- Тоа е една од ретките клиники каде има ред. Апсолутно, додека имаат изотопи, оди регуларно, по протокол. Доколку имате потпис од онкологот и печат, дека сте приоритетен, само тогаш добивате предност, додаде Марјановиќ.

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека првпат слуша оти недостасуваат изотопи. Тој нагласи дека како Министерство за здравство, ќе видат во што е проблемот и како може да се реши.

- Патофизиологија, што воопшто не е под Министерство за здравство, туку е под Медицински факултет и под Министерство за образование, но, секако повторно ние треба да интервенираме и да видиме што можеме да направиме. Добро е што ја добив оваа информација. Ќе видам во следните денови што можеме како Министерство да помогнеме, најави Таравари.

Тој се заблагодари на сите оние кои допринеле за да се подигне свеста за ракот на дојка. Потсети дека октомври е месец за борба против рак на дојка.

Министерот информираше дека минатата година испитувања за превенција од рак на дојка биле направени околу 5.000, а годинава, досега, до втора половина од октомври - над 9.000 испитувања.

- Овде повеќе мислам најверојатно на ехо на града, можеби некои од овие пациенти и мамографија, појасни тој, нагласувајќи дека сепак, никогаш не е доволно.

Целта, годинава било да се постигне бројка од околу 13 илјади.

- Јас мислам дека Македонија е земја каде најмалку се чека за магнетна и за мамографија во однос на државите околу нас. Зборуваме секогаш за регионот, не зборуваме за светските држави, додаде Таравари.

Милица Кузмановска од „Хема онко“ нагласи дека Здружението има намера и понатаму да работи и да ги промени работите во нашиот здравствен систем.

- Што се однесува до терапијата, бараме нови терапии како што има во сите развиени европски, светски земји, бараме нови терапии за нашите пациенти, современи терапии, современ начин на скрининг и на дијагностика, истакна Кузмановска, меѓу другото, во изјава за медиуми пред Клиниката за онкологија. бд/аа/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан