• недела, 22 декември 2024

Здравковски: Во изминатиот период сите соседи ја искористија економската и меѓународната слабост на Македонија за дополнителни барања, немаме мандат за менување на Устав

Здравковски: Во изминатиот период сите соседи ја искористија економската и меѓународната слабост на Македонија за дополнителни барања, немаме мандат за менување на Устав

Скопје, 6 март 2023 

Во вечерашната емисија „Топ Тема“ на Телма телевизија пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски истакна дека смета  дека апсолутно нема никаква потреба од уставни измени и за тоа немаат мандат од граѓаните.

„Сметаме ние дека апсолутно нема никаква потреба од Уставни измени, тоа е наша позната реторика наназад, ние добиваме мандат од граѓаните за да ја носиме Македонија таму каде што треба тоа значи подобар животен стандард, подобро здравство, образование земјоделие итн., и апсолутно нема никаква потреба од менување на уставот со дополнување на било која националност затоа што сепак во преамбулата таму каде што се наведени Македонци, Албанци и оние останатите има и други. Тоа други прави јасна дистинкција дека дополнително имаме други националности. Меѓу кои и Бугарите Црногорците, Хрватите итн., кои што се дел од овој народ кој што живее во Македонија“ , истакна Здравковски.

Здравковски додаде и дека според него во изминатиот период сите соседи ја искористиле слабоста на економски и меѓународен план на Македонија за да си ги зголемат апетитите и барањата.

„Сметам дека се искористи целата прилика во овие последни години од страна на сите соседи кои што можеа да нападнат да нападнат, целата онаа неконструктивност на претходниот реформатор во Македонија во ликот и делото на премиерот Заев, и сите ја искористија онаа слабост и на економски план и на меѓународен план за да додадат некакви дополнителни барања. Навистина јас нема против ниту Бугарите ниту било која националност меѓутоа не е време затоа што покрај внесувањето гледаме и дека со прифаќањето на францускиот предлог се обврзуваме на дополнителни услови преку исполнувањето на оние член 8 и член 12 од договорот за добрососедство“, нагласи Здравковски.

Здравковски истакна дека договорите на кои се базира Францускиот предлог се штетни за Република Македонија и од тука потекнува опасноста што би се случувала во иднина за нови барања и вета од Бугарија.

„Овие договори на кои се базира Францускиот предлог се штетни за Република Македонија и од тука потекнува опасноста што би се случувала во иднина јас сметам дека и колегата Коциќ треба да биде свесен и останатите пратеници од СДСМ и да гледаат малку далекусежно. Со оваа обврска која што е превземена од владата на Ковачевски, Османи и Маричиќ ние апсолутно се наоѓаме во подредена позиција и оставаме простор на Бугарија понатаму постојано во процесот на преговори да дава нови и нови услови и да дава од друга страна вето“, нагласи Здравковски.

Здравковски рече дека 80 проценти од граѓаните на последните анкети се изјасниле дека се против внесувањето на Бугарите во Уставот.

„Апсолутно дека сме против уставни измени и апсолутно што побргу се случат избори ние ќе го поставиме тоа како прашање до електоратот дали ќе добиеме поддршка и на каде би се движела Македонија тоа ќе зависи од волјата на граѓаните. Ние легитимитетот го црпиме од граѓаните. Во анкетите доминантно 80 проценти од Македонците дека се против внес на Бугарите во Уставот“, нагласи Здравковски.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан