• петок, 20 декември 2024

Зголемен број купувачи на кичевскиот зелен пазар 

Зголемен број купувачи на кичевскиот зелен пазар 

Кичево, 22 мај 2021 (МИА) - На кичевскиот зелен пазар последните неколку саботи, кога е пазарен ден, бројот на купувачи е зголемен, но обемот на пазарење е мал бидејќи купувачите претежно пазарат по еден, најмногу два килограми зеленчук, додека јаболка ретко кој купува. Тезгаџиите се задоволни од остварениот промет, но и самите тврдат дека кучувачите пазарат на ситно и најмногу до два килограми од зеленчукот.

-За разлика од пред месец-два кога на кичевскиот зелен пазар бројот на купувачи беше мал, а нашиот промет незадоволителен, последните две-три саботи откако затопли времето, бројот на купувачи е зголемен, потрошувачката исто така, но ретко кој од кучувачите пазари повеќе од два килограми домати, краставици, зелка, тиквички, пиперки и други видови зеленчук. Купувачите пазарењето во мали количества го правдаат со високите цени кои се над нивниот стандард, не сметајќи дека и нашите трошоци се зголемени, како и набавните цени на повеќето производи, изјави Живко Павлов, долгогодишен тезгаџија на Кичевскиот зелен пазар.

Купувачите се помалку разочарани од висината на малопродажните цени и сметаат дека во овој период од годината цените треба да бидат многу пониски за да можат да купуваат во поголеми количества.

-Како на ниеден друг пазар во земјава на кичевскиот зелен пазар цените на повеќето производи се меѓу највисоките во земјава. Тоа е причината зошто повеќемина од нас купуваат во помали количества и најмногу до два килограми.Ако се има предвид дека и останатите цени пролетва се зголемени, а приходите се на исто ниво, тогаш навистина немаме можност да пазариме во поголеми количества. Исто така треба да очекуваме поради топлото време и цените забрзано да паѓаат, а тоа ќе ни овозможи наскоро да купуваме по цени во склад со нашиот стандард, вели Драган Бошкоски, кој редовно пазари на Кичевскиот зелен пазар. Неговото искуство и неговите констатации ги делат мнозинството купувачи кои денеска ги сретнавме на Кичевскиот зелен пазар. за/мд/

Остани поврзан