Сиљановска-Давкова: Молкот го отвори патот за злото – мора да учиме од историјата
- Сиљановска-Давкова посочи и на говорот на омраза што се толерира понекогаш или скриено се пласира преку социјалните мрежи. - Навистина нашите мрежи - сите мрежи освен во државите каде има строги санкции, се преполни со говор на омраза. Значи повторно некои луѓе кога се скриени мислат дека се можат да кажат.
Краков, 28 јануари 2025 (МИА) - Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, пред заминувањето од Полска, се осврна на атмосферата што преовладуваше на церемонијата за одбележување на 80 години од ослободувањето на Аушвиц.
Иако првично беше најавено присуство на околу 50 преживеани поранешни затвореници, на настанот учествуваа околу 85, со оглед на тоа што и дел од државните делегации беа придружени од преживеани од кампот.
Главниот настан беа сведочењата на четворица преживеани: Мариан Турски, Јанина Иванска, Това Фредман и Леон Вајнтрауб.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја опиша атмосферата како траорна и моќна. Политичарите молчеа, преживеаните зборуваа, со порака дека историјата треба да се запамети, а сеќавањата болат. Таа посочи дека од говорницата бевме потсетени на зборовите на активистот Ели Визел, кој рече дека најстрашното биле индиферентноста, молкот, непротивењето. Сите мислеле дека нема да им дојде редот, но им дошол.
Шефицата на македонската држава ја опиша апокалиптичната природа на сведочењата. - Да слушнете дека шестгодишно дете мислело дека е нормално еврејските деца да мислат дека треба да умрат – е страшно!
- Дел од приказните на преживеаните звучеа апокалиптично и кога ги гледа човек бараките и вагонот замислува дека тоа што го кажуваат луѓето - не само што ги боли нив, не само што ги боли нивните најблиски, туку и сите нè болеше, особено кога луѓето посочуваа дека во многу држави молкот го отворил патот за она што се случувало. Преживеаните зборуваа за моментите кога биле ослободени, но немале сили да се движат, бидејќи тежеле по триесетина килограми. Таа се осврна на, како што рече, чудовишната трансформација на логорот кој почнал како работен логор, па потоа како камп за изгладнување до смрт.
Претседателката укажа и на значењето на меморијата. - Тие секоја година, покрај својот роденден, го слават и денот на ослободувањето како ново раѓање. - И затоа, преживеаните не предупредија дека не е доволно да сочувствуваме, не е доволно да манифестираме емпатија, не е доволно ни дури само да меморираме индивидуално, па ако сакате и колективно, туку треба да предупредуваме и да учуваме дека не смее да се дозволи злото. На крајот, она што мислам дека никогаш нема да го заборавам - еден од преживеаните рече дека не случајно и оние кои молчеле се виновни.
Сиљановска-Давкова посочи и на говорот на омраза што се толерира понекогаш или скриено се пласира преку социјалните мрежи. - Навистина нашите мрежи - сите мрежи освен во државите каде има строги санкции, се преполни со говор на омраза. Значи повторно некои луѓе кога се скриени мислат дека се можат да кажат.
Претседателката го опиша настанот како колективна терапија и лекција за човештвото: Од повеќе од еден милион затвореници, само околу 7.000 го преживеале Аушвиц. Тоа е капка во океанот од човечки животи кои никогаш не почнале, не расцветале, не продолжиле.“
На крајот, таа сподели и за симболичниот гест на солидарност. - Со колешката од Словенија (Наташа Пирц Мусар) и колегата од Црна Гора (Јаков Милатовиќ) , одлучивме заедно да ги запалиме свеќите, бидејќи регионално тагата нè поврза , заклучи Сиљановска-Давкова. ссм/ац/
Фото: принт скрин