• сабота, 21 декември 2024

Здравството, миграцијата, недовербата во институциите, Украина и климата теми на дезинфомациските наративи во Европа

Здравството, миграцијата, недовербата во институциите, Украина и климата теми на дезинфомациските наративи во Европа

Краков, 12 октомври 2023 (МИА) – Теми поврзани со здравството, миграцијата, недовербата во институциите, војната во Украина и климатските промени се главните наративи, кои го сочинуваат пејзажот на дезинформации во Европа. Оние кои стојат зад нив пронаоѓаат се покреативни начини за нивно ширење, а особено се интензивираат во предизборни периоди.

Ова беше заклучокот од една од дискусиите на годишната конференција на ЕУ Дисинфо лаб, посветена тема „Дезинформациски трендови и студии на случаи“, која се одржува вчера и денеска во Краков, со учество на над 300 реномирани професионалци од целиот свет од различни области поврзани со работата на медиумите и борбата против пропагандата и дезинформациите, јави специјалниот известувач на МИА од Краков.

Марија Џовани Сеса од ЕУ Дисинфо лаб истакна дека до овој заклучок дошле собирајќи податоци од земјите-членки на ЕУ, а досега успеале да ги сумираат податоците за дезинформативни наративи кои се повторуваат и допираат до граѓаните, но и креаторите на политики во Австрија, Белгија, Бугарија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија, Шведска и Холандија. Најави дека наскоро ќе се објават податоците и за останатите држави. 

Дезинформации поврзани со Северна Македонија, односно нејзиното членство во ЕУ се регистрирани во Бугарија. Во истражувањето на ЕУ Дисинфо лаб се нагласува дека во изминатите две години во Бугарија пет пати се одржуваа избори, што заедно со корупциските скандали довело до намалување на довербата на граѓаните во институциите, поради што се отежнува премостувањето на општествените и политичките поделби. 

Оваа недоверба во официјалните институции и зголемените општествени поделби се идеална почва за дезинформации, се вели во истражувањето и се додава дека главните дезинформациски наративи во бугарското општество циркулираат околу пет теми – војната во Украина, анти-ЕУ сентименти, електронското гласање и технологијата, зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ и обидите да се реинтепретира бугарската историја и дезинформации поврзани со родови прашања. 

Главна „инспирација“ за дезинформации, кај нашиот јужен сосед се трагичната железничка несреќа од 28 февруари, војната во Украина и пандемијата на Ковид-19. Истражувањето посочува дека предизвиците, со кои се соочува грчкото општество се намалувањето на довербата во медиумите, недостигот на независни медиуми, но и повеќегодишното штедење и кратење, кое довело до колапс на приходите од реклами и ги принудило медиумите кон бизнис моделот на  ловење кликови. Според Светскиот индекс на слободата на медиумите за 2023 Грција е на 107-та позиција и е најниско рангирана од европските држави.

Главните дезинформациски наративи во Грција циркулираат околу пандемијата на Ковид-19, Војната во Украина, енергетската криза и анти-мигрантската реторика.

Алехандро Ромеро, директор на Констела интелеџенс, компанија за кибер безбедност нагласи дека денес во светот дезинформациите се на врвот на агендата за справување со ризици.

Ромеро потенцира дека дезинформациите се поврзани со ерозијата на социјалната кохезија, тие се алатка во рацете на геполитички агенти за пропагирање екстремистички верувања и за фалсификување на изборите, напредокот на технологијата овозможува дезинформациските напади да бидат многу поагресивни и покоординирани, а исто така се сметаат и за силен предизвикувач на останатите ризици, влучувајќи го и економскиот. 

 

 

Поради брзиот развој на технологијата, според него е потребно зајакнување на дигиталните и кибер вештини кај професиите поврзани со медиумите, кои мора да ги следат новите трендови. 

Конференцијата во Краков вчера ја отвори претседателката на ЕУ Дисинфо лаб, Диана Валис, која посочи дека е мошне важно професионалната заедница во оваа сфера да создаде заштитен механизам во справувањето со дезинформациите. 

Таа нагласи дека процесите се менуваат, особено изминатите две години и тоа не секогаш на подобро, имајќи ги предвид актуелните геополитички случувања и поврзаноста со дезинформациите, кои се користат како една од алатките за предизвикување кризи. 

Го потенцира значењето од имплементирање на Законот за медиумска слобода, кој беше поддржан од Европскиот парламент со цел да се одбрани плурализмот и независноста на медиумите и доверливоста на изворите, но и да се обезбеди поголема транспарентност во сопствеништвото на медиумските компании. Сепак ја истакна и дискрепанцата, која постои меѓу него и Дигитал сервис актот, за која посочи дека мора да се најдат начини работите да се приближат и да се избалансираат. 

-Ги цениме слободните медиуми, но и слободните медиуми имаат потреба од поддршка за да бидат слободни и да бидат заштитени од лошите играчи, рече таа и додаде дека има конфликт во текстовите меѓу двата акта, но потребно е да бидеме ефикасни за да се надмине таа дискрепанца.

Учесниците на дводневната конференција дебатираат за најразлични аспекти од сферата на борбата против дезинформации. Се говореше и за руско-украинската криза и нејзината поврзаност со пропагандата. Учесниците нагласија дека од 2014 година, конфликтот меѓу Украина и Русија ја истакнал еволутивната природа на војувањето, бидејќи се појавуваат нови информативни димензии, кои играат значајна улога во војувањето како и фактот дека современото војување подразбира иноформациско војување.  Се говореше и за импактот, кои го имаат 18-месечните санкции врз руските дезинформациски актери.  Кусо по руската воена агресија врз Украина, ЕУ го санкционираше руските дезинформациски медуми. Учесниците разговараа за улогата на граѓанското општество во идентификувањето на ентитетите кои може да се санкционираат, влијанието на санкциите врз информативниот простор и како руската пропаганда ги преуредила своите активности како одговор.

Учесниците дебатираа и за вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз вистината, дезинформациите и нашата перцепција за реалноста, но и за потребата од поддршка на менталното здравје во услови на информациска војна, особено на оние, кои поради природата на професијата се поизложени на онлајн напади. 

-Нашата заедница постојано е изложена на насилна содржина, онлајн злоупотребување, физички закани, тужби или други видови „професионални опасности“ како што се истоштеност од работа. Потребно е да изградиме посилен систем за поддршка на менталното здравје со цел нашата работа да биде одржлива, наведоа учесниците.

На годишната конференција на ЕУ Дисинфо лаб, во организација на Институтот за комуникациски студии освен МИА, учествуваат и МТВ и Макфакс. ЕУ Дисинфо лаб е независна непрофитна организација, која собира знаење и експертиза за дезинформации во Европа. Преку здружување на истражување, истражувачка работа, ЕУ Дисинфо лаб е активен член и ја поддржува огромната заедница која помага да се откријат, да се решат и да се спречат дезинформациите што го загрозуваат интегритетот на граѓаните и демократските вредности. ац/ев/

Фото: МИА/ЕУ Дисинфо лаб

Остани поврзан