• понеделник, 23 декември 2024

За предлогот Хисни Исмаили да биде нов потпретседател на Собранието ќе се гласа по одморите

За предлогот Хисни Исмаили да биде нов потпретседател на Собранието ќе се гласа по одморите
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија во рамки на 71. седница го заврши претресот по предлогот Хисни Имаили од Алтернатива да биде нов потпретседател на Собранието. Поради немање доволен број пратеници гласањето е најавено за почетокот на септември, по завршување на годишните одмори.  Исмаили за потпретседател на Собранието беше предложен со потписите на 20 пратеници. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, меѓудругото, изрази надеж дека Исмаили ќе го почитува Деловникот за работа на Собранието, законите и Уставот. Мицевски рече дека Исмаили денеска нема да биде избран за потпретседател на Собранието бидејќи мнозинството нема доволен број пратеници за да го изгласа. За да се види тоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се одјавија од системот и излегоа од салата. Во своето обраќање од говорницата Мицевски му порача на Исмаили како не треба да работи, по што претседателот на Собранието Талат Џафери одговори на одредени тврдења. -Да престанат да ми се држат предавања овде за процедурата. Побегнаа од овде по наредба. И тоа е волја на пратеници, а Уставот вика пратеникот е слободен во волјата, да не зборувам за некои антиуставни изјави на нотар, рече Џафери за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Хисни Исмаили рече дека се обраќа на македонски јазик во знак на почит кон Македонците, а посбено кон македонскиот јазик во ова, како што кажа, „време и невреме за македонскиот јазик“. Му се заблагодари на Мицевски за сугестиите, додавајќи дека секогаш се водел од принципи, но оти дека на оваа позиција ќе му биде потребна поголема истрајност и умешност. Исмаили рече дека ќе го почитува Деловникот за работа на Собранието и ќе се обиде да влијае на односите меѓу пратениците. Мицевски рече дека Џафери повторно покажал како не треба пак да се злоупотребува неговото обраќање, со парафразирање на зборовите што ги кажал. Доколку беа заинтересирани, рече Мицевски, денеска ќе бевте избран за потпретседател на Собранието и можеби некогаш ќе седне на претседателското место. Џафери обвини дека Мицевски не доаѓа на понеделничките координации и оти затоа не знае што се договара таму.  Се прашува зошто опозицијата не номинира потпретседател на Собранието бидејќи тој треба да го води Собранискиот канал.,Тоа не се случува, според Џафери, поради тоа што нив им одговарал „хаосот“. -Ако некој навикнал да функционира во хаос, јас не функционирам, рече претседателот на Собранието додавајќи дека ниту тој, ниту Исмаили не се раководат од дневна политика. Очигледно е, додаде тој, дека поради тоа нема услови за гласање. Собранието го заврши претресот по заостанатите точки од дневнмиот ред на 82. седница. Пратениците заминуваат на одмор, а активностите ќе ги продолжат на 30 август. ев/ац/

Остани поврзан