• четврток, 26 март 2026

За првпат во Прилеп и Македонија ќе се одржи Фестивал на раната музика

За првпат во Прилеп и Македонија ќе се одржи Фестивал на раната музика

Прилеп, 15 октомври 2025 (МИА) - На 16 и 17 октомври во Прилеп ќе се одржи првиот фестивал на раната музика. Ова, воопшто, е и прв фестивал во Македонија од ваков вид. Станува збор за фестивал посветен на истражување и оживување на музиката од византиската, средновековната и раноренесансната традиција. 

-Ќе понудиме патување низ грегоријанските корали и дела од познатите музички ракописи Codex Calixtinus, Codex Las Huelgas и Llibre Vermell de Montserrat, пренесувајќи ги звучните пејзажи на патот на Свети Јаков, цистерцијанските манастири и уметноста на трубадурите. Верувам дека повеќето, а можеби и сите композиции на концертот „Средновековни еха“ ќе бидат премиерни изведби во Македонија. Она што мене лично ме фасцинира како изведувач е питагорејскиот штим на оргулата, кој се разликува од современиот модерен штим и создава многу природен и благодарен простор за пеење, бидејќи гласот се приспособува според инструментот, рече на прес-конференцијата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп Ана Митоска, изведувач на Фестивалот.

За првпат на македонската сцена ќе се слушне древниот инструмент портативна оргула од 14 век. На портативна оргула, oдносно organetto ќе настапи Кристина Алис Раурик од Шпанија, музичар и истражувач, доктор по музикологија, која прва во светот го реконструирала овој древен инструмент.

-Големо задоволство ми е што сум овде, во Македонија, за да ја споделам со вас убавината на средновековната музика и да го претставам овој фасцинантен инструмент — средновековната портативна оргула. Фестивалите како овој се навистина важни. Тие ја приближуваат убавината до луѓето, а понекогаш им овозможуваат да откријат музика која може да стане нивна нова омилена музика и да ги инспирира, рече Кристина Алис Раурик.

Според Гоце Секулоски, водач на хорот во прилепската црква „Света Петка“ фестивалот треба да го најде своето место во македонската култура зашто е дел од егзистенцијалните, а не комерцијални фестивали.

-Пренесуваме она што е целосно музичко наследство на Европа, и од Истокот и од Западот. Од Истокот,музиката е поттикната од остатоците на Источното римско царство- Византија и од Запад она што е ранохристијанско наследство на западната црква, пред и по разделувањето на двете традиции. Оттука, овој Фестивал треба да најде свое место во културата на Македонија, зашто Фестивалот не припаѓа на комерцијалните фестивали. Овој Фестивал припаѓа на културата која ја нарекуваме-  егзистенцијална, изјави Секулоски.

На 16-ти октомври во 20 часот во прилепското кино “Мис Стон” ќе се одржи првата фестивалска вечер. Публиката ќе проследи концерт „Помеѓу Кукузел и Палестрина“, каде два хора, „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ под диригентството на Гоце Секулоски ќе создадат звучен мост меѓу Истокот и Западот, спојувајќи ја византиската духовност и ренесансната полифонија.

На 17 октомври од 20 часот во киното “Мис Стон” е концертот „Средновековни еха“  кој претставува редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент портативна оргула од 14 век. ем/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан