• недела, 22 декември 2024

За посетата на Ердоган в четврток ќе бидат ангажирани над три илјади полицајци во Атина

За посетата на Ердоган в четврток ќе бидат ангажирани над три илјади полицајци во Атина

Атина, 5 декември 2023 (МИА) – Под драконски безбедносни мерки се очекува да биде Атина в четврток поради посетата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и одржувањето на Високиот совет за соработка, а според грчките медиуми се очекува да бидат ангажирани над три илјади полицајци, јави дописничката на МИА од Атина.

Државната телевизија ЕРТ објави дека во надлежното Министерство за заштита на граѓаните секојдневно се одржуваат состаноци за безбедносните мерки, што вклучуваат дронови, хеликоптери, снајперисти, а мобилизирани се 3.500 полицајци.

Турскиот претседател в четврток ќе биде во Атина за да учествува на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, а предвидено е да биде примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, потоа ќе следи средба со премиерот на Грција и изјава за медиумите, по што ќе се одржи и состанокот во форма на работен ручек, во присуство на Мицотакис и Ердоган и со учество на министри од двете земји.

Ден пред посетата на Ердоган, односно утре, Атина исто така ќе биде под силни безбедносни мерки поради одбележувањето на 15-годишнината од убиството на тинејџерот Алексис Григоропулос, кој во 2008 година беше застрелан од полицаец, а секоја година на 6 декември се одржуваат низа протести.

Поради посетата на Ердоган и протестите, грчката полиција пред две седмици побара од Фудбалската федерација на Грција (ЕПО) да ги смени датумите за два фудбалски натпревари од осминафиналето во Купот на Грција, што требаше во Атина да се одиграат на 6 и 7 декември бидејќи „полицијата не може да ја гарантира безбедноста на двата натпревари“. ср/сд/

Остани поврзан