• петок, 30 јануари 2026

„За новинарот не е доволно да информира, треба да истражува и да ја открива вистината“: Интегрално - говорот на директорот на МИА, Јаневски, на Конференцијата на АБНА

„За новинарот не е доволно да информира, треба да истражува и да ја открива вистината“: Интегрално - говорот на директорот на МИА, Јаневски, на Конференцијата на АБНА

Скопје, 5 август 2025, МИА

Драги колеги, драги пријатели, драги гости, дозволете ми ја да ја отворам оваа Конференција со следнава тема, тема за вистинската задача на новинарството, задача поради која тоа постои и егзистира. 

Проблем и задача и кои постојат од самите почетоци на оваа наша професија, за некого убава, за некого проклето тешка и напорна работа, но која дава извонредно задоволство кога на крај ќе имате успешен резултат. Ќе ве замолам потоа, да ги дадете своите видувања за ова прашање, за да ја обогатиме оваа средба и со Вашите размислувања кои, иако тоа може да звучи нескромно, ќе го збогатат нашиот живот и животот во нашите општества.

Старо правило е дека новинарот ја завршил својата работа тогаш кога има информација од најмалку два, а по можност и повеќе извори. Сум работел во повеќе медиуми кои се занимавале со стории со тешки обвинувања кон други личности и тоа секогаш бараше дополнителна проверка. Понекогаш два извори не се доволни. Потребни се три, четири извори, потребни се експерти, потребно е во крајна линија и сопствено размислување и знаење. Тоа подразбира многу труд, повеќедецениско надградување на образованието, слично како кај лекарите, кои цел живот мора да ги учат новите методи и практики. Тоа подразбира и дека новинарот понекогаш  мора да има макар основни познавања од повеќе области – политика, право, историја економија... итн итн. 

Во животот сретнав многу новинари кои се задоволуваат со тоа да бидат „антена“ – трансмитер на изјави или да известуваат од настани. Тоа е поразително. Несфатливо е дека новинарот се образувувал неколку години, потрошил труд, време, енергија, а потоа се задоволува со тоа да го држи микрофонот пред устата на тој или таа што дава изјава. Да, новинарот треба да известува, да пренесе, но во денешно време, на обичниот граѓанин, многу често, за да добие информација не му е потребен новинар. 

Тоа драстично ја менува улогата на новинарот. Тој се повеќе треба се ориентира кон истражување, кон откривање на фактите, не запоставувајќи ја и информативната обврска. Се менува и начинот на информирање. Веќе не е доволно само да пренесете гола информација, туку се побитно е дали во начинот на кој информирате, ќе успеете да внесете и малку уметност, шарм и интелигенција. На многу колеги на кои сум им бил уредник, имав обичај да им купам по еден примерок од романат на великот Ерих Марија Ремарк – „Црниот обелиск“, да им кажам дека треба да го прочитаат неколку пати, да ги прочитаат и другите негови дела и потоа да сметаат дека можат да се впуштат во составувањето реченици надвор од сферата што ја крстив како „новинарска антена“. Значи, мора да се оди чекор понапред, да им се даде на читателите нешто повеќе од обична, гола, сува реченица. 

Но, да се вратам на вистината и лагата во новинарството. Што е тоа вистина? 

За Аристотел, вистината е тоа што е во согласност со стварноста. 

За Ниче, вистината е често „збир на илузии за кои сме заборавиле дека се илузии“.

За Хегел, чија дефиниција најмногу ми се допаѓа, вистината не е нешто што е статично, не е само „точна изјава“, туку нешто што е во развој, така како што се развива стварноста. 

За Маркс, вистината е материјална – таа произлегува од односите во едно општество, посебно од неговата економска база.

И на крај, би сакал да цитирам и еден од најпознатите денешни светски физичари, Брајан Кокс, кој вели дека „во науката не постои универзална вистина, туку постојат само погледи кон светот, за кои допрва треба да се види дали се вистините или не“.

Можеме ли сето ова ние да го сфатиме како една целина и да го приминеме во нашата работа?

Еден наш дипломат би рекол: Не знам. Тоа е прашање од милион долари. И повеќе. 

Посебно што астрофизичарите зборуваат и за паралелни димензии, што значи и за можноста од паралелни вистини. Теолозите зборуваат за вистина која постои надвор од овој свет, неврохирурзи зборуваат за свест која постои сама по себе, надвор од мозокот и телото, за свест која е посебна вистина. Како да се снајдеме и да се справиме со сето ова? Ете уште едно прашање од милион долари. 

Денес е 2025 година, 21 век. Човештвото одамна има отстапено од моралните вредности. Трката по пари, кои често се сведуваат на главен мотив во современата живеачка, ги принудуваат луѓето да ја забораваат вистината. Битна им е целта, битен им е Макијавели, а не некаква морална вредност. 

Сето тоа се одразува и на новинарството. Не на новинарите, туку на сите кои се дел од едно општество. Зашто не така само во новинарството. До 1996 година, кај нас, во Законот за кривична постапка постоеше член кој го задолжуваше судот дека независно од тоа што ќе го понудат обвинителите и одбраната на обвинетите како аргумент, тој е должен да ја утврди вистината која можеби не е ни на едната, ни на другата страна. Зашто, како што се вели во една позната телевизиска серија – луѓето знаат да лажат.

Подоцна, со измените на Законот, тој член го снема. Денес, не само овде, туку и во многу држави низ светот, судот прави избор меѓу аргументите на обвинителот и аргументите на одбраната. Избира меѓу тоа што ќе го понуди едната и тоа што ќе го понуди другата страна. Може да му донесат мртво тело во судницата, но ако обвинителите и обвинетите не го видат тоа тело, тоа не постои ни за судот. 

А, каква е вистината? Можеби е таа што ќе ја одреди судијата, но често се случува таа да биде на некое трето место. Некаде скриена. Далеку од сите нас. Што можеби ние и не го гледаме како проблем. Навикнати сме да живееме така како што не носи ветрот. Проблем е што таа скриена вистина, како начин на однесување и како начин на живеење ќе им ја оставиме и на нашите деца. 

Затоа, задача на современото новинарство не е само да инфирмира, туку и да ја открие вистината. Да ја разобличи лагата и сето да тоа му го понуди на раѓанинот. Да ја подигне неговата свест, да го подобри неговиот живот. 

Знам, секој новинар работи за плата. Но и секој лекар работи за плата. А сепак, неговата основна цел е пред се да го спаси човечкиот живот. Кога го гледа болниот, дали тој размислува за тоа колку е платен? Да, има ситуации кога некои работи му доаѓаат преку глава. Една шпанска лекарка, кога започна КОВИД епидемијата и кога ја прашаа како да се справиме со нејзе одговори: 

„Зошто барате спас од мене? Барајте од Лео Меси. Него го плаќате милијарда долари, мене 1 800 евра месечно.“ 

Но, го кажа тоа и потоа се врати назад да ги спасува луѓето. Затоа што во тој момент, поважно и беше да открие што стои зад тој вирус, како да се справи со него, како да го победи, отколку колку пари ќе земе на крајот на месецот. Замислете научник кој само ќе информира дека постои вирус, дека тој убива луѓе и науник кој ќе каже дека со тоа што ја инфромирла јавноста – ја завршил работата. Не, негова работа е да ја открие вистината – како да се победи вирусот.  

Така е и со нас. Можеме да негодуваме за статусот, но потоа, едноставно треба да се вратиме на работата, да ја завршиме најдобро што можеме во интерес на илјадници и стотици илјадници луѓе кои не ги гледаме и не ги знаеме и да бидеме горди со таа работа. А ќе ја завршиме таа работа тогаш кога ќе им ја предочиме вистината. Таа што ние сме се потрудиле да ја откриеме. А, не таа вистина што ни ја презентираат.

Се разбира, ние не сме експерти во секоја област. Ние не сме научници. Но, тоа не не спречува да бараме, да истражуваме да откриваме, а не само да информираме.  

Во спротивно, подложни сме на манипулација, а кога нас не манипулираат, ние ја манипулираме јавноста. И да се вратам пак на споменатата КОВИД епидемија. Вирусот беше вештачки создаден или природен? Дали сме ја завршиле работата ако прашаме два извори? Едниот кој вели дека е вештачки и другиот кој вели дека е природен. Што сме направиле? Сме го збуниле нашиот читател. Ништо повеќе. Знам дека многумина ќе кажат - ние не сме експерти за таа област. Да, но како луѓе, врз основа на бројните информации кои ги имаме пред обичниот граѓанин, можеме да извлечеме свој суд. 

Впрочем, гледате како и самата вистина се менува, согласно на тоа како се менува стварноста. Во времето на Антони Фаучи, вирусот беше природен, од лилјаци. Сега во Сенатот на најмоќната држава во светот, отворено се зборува дека вирусот бил вештачки. А ние и натаму не сме експерти во таа област, но дали нашата улога се сведува на тоа дека прво треба да го пренесуваме Фаучи, како апсолутна вистина, а сега тие што зборуваат спротивно? 

Или треба да се заложиме малку повеќе. Да бидеме похрабри. Да, тоа носи ризик и од грешка, но зарем постои професија во која не постои ризик од грешка? Во целата таа гужва, добро е што нашата грешка обично не е фатална. Кога лекарот ќе згреши, кога пилотот ќе згреши, тоа може да чини многу човечки животи. И тие не можат да ја поправат грешката. Ние, и да погрешиме, можеме тоа да го поправиме, но мислам дека бенефитот од нашата трка по вистината секогаш ќе биде поголем, отколку штетата што понекогаш ќе ја направиме.  

Тоа не значи дека треба да брзаме. Тоа не значи дека не треба да провериме. Тоа не значи дека не треба да информираме. Но, како што реков, времињата се сменети. Со тоа се менува и улогата на новинарот. Неговата првенствена цел треба да биде вистината. А до нејзе, не секогаш се доаѓа лесно.

Драги пријатели, знам дека ова што го кажав, за вас не е ништо ново. Јас не сум Колумбо и не откривам нов континент. Сите вие сте врвни професионалци, на кои младите новинари, па и постарите, можат само да им позавидат.  

Но, мислев дека во ова време на мноштво информации и на уште повеќе дезинформации, ова треба уште еднаш да се потенцира и заеднички да го споделиме како вредност. Затоа што, понекогаш од нашата вистина може да зависи и човечкиот живот. Исто како што лагата, базирана на дезинформација, може тој човечки живот да го загрози. А тоа, никој од нас не го сака и тоа е величината на оваа наша професија. Ви благодарам на вниманието.   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан