• петок, 22 ноември 2024

Нанев за МИA: Проблемот со врсничкото насилство да се подигне на највисоко државно ниво, булингот е присутен во загрижувачки размери

Нанев за МИA: Проблемот со врсничкото насилство да се подигне на највисоко државно ниво, булингот е присутен во загрижувачки размери

Кавадарци, 14 мај 2023 (МИА) - Проблемот со врсничкото насилство да се подигне на највисоко државно ниво, а компонентата воспитување, да се врати во воспитно – образовниот систем, вели во интервју за МИА, професор доктор Лазар Нанев, претседател на Основен суд со проширена надлежност Кавадарци и претседател на државниот Совет за превентива против малолетничка деликвенција.

Тој смета дека засега, не се посветува доволно внимание од надлежните институции на проблемот со насилство меѓу врсниците, иако, нагласува, булингот е присутен во загрижувачки размери, а жртвите на врсничко насилство најчесто не бараат помош, поради страв и срам додека не се помине црвената линија.

Во интервјуто, Нанев е дециден дека тоа врсничко насилство, ако не се препознае и спречи, трае додека жртвата на булингот не се јави со соодветна реакција. Понекогаш, таа реакција може исто така да биде сериозна, како и самиот булинг. Затоа е неопходно да се делува превентивно во семејствата, училиштата, да се препознава евентуалното врсничко насилство и навреме да се реагира.

Во продолжение следува интервјуто со Лазар Нанев во целост:

После пукањето на малолетник во училиште во Србија и епилог од повеќе жртви и повредени, но и пласирањето на информации во јавноста дека и самиот претходно бил жртва на врсничко насилство, најпрво се поставува прашањето, дали сметате дека доволно се посветува внимание од надлежните институции на ова прашање, булинг, врсничко насилство?

- Засега, не. Неопходно потребно е во наредниот период, да има посериозен и поодговорен пристап на сите надлежни органи.

Каде сметате дека е најслабата карика, каде најмногу се затаило?

- Во образованието. Таму мора повеќе да се работи. Со цел, компонентата воспитување, да се врати во воспитно- образовниот систем. Бидејќи главниот акцент беше ставен на образованието, а запоставена е другата компонента. Образованието содржеше две компоненети, обрзование и воспитување. Со напуштањето на воспината компонента, целосно се промени образовниот систем. И тука непосредно е потребно образовниот систем да биде надополнет и со компонентата, воспитување.

Колку треба кај нас, да се разбудат прво одредени институции, што ете, затаиле?

- Факт и неспорно е дека некои од институциите, затајуваат во делот на остварувањето на своите надлежности. Поради тоа, неопходно е потребно, целиот овој процес да биде унапреден, но и да се зголеми интензитетот на активностите и дејствијата, на сите што се вклучени во овој процес.

Има ли податоци и истражувања државниот Совет за превентива против малолетничка деликвенција, околу случаите за врсничко насилство во земјава. Што говорат сознанијата за овој актуелен глобален проблем?

- Државниот Совет за детско престапништво согласно својата агенда и својата надлежност, прибира податоци и информации од сите државни органи и институции што се однесуваат на булинг состојбата, насилничкото престапништво и тоа како од образованието, од сите основни и средни училишта, од Министерството за здравство, од судовите, јавното обвинителство, полицијата. Сите овие податоци се анализираат на годишно ниво. Станува збор за една исклучително сериозна проблематика, што директно го тангира однесувањето на децата, пред се учениците, бидејќи врсничкото насилство се случува не само во рамките на училишната зграда, за време на наставата, туку и во дворот, надвор од училиштето, по завршувањето на наставата. Многу важно прашање во целокупниот овој процес е истражувањето за феноменологијата и причините поради кои се појавува ваквиот вид на насилство. Оваа појава не е до крај истражена од страна на научната фела бидејќи изминатиот временски период, иако постоеше, не се обрнуваше доволно внимание. Но, темната бројка на ова насилство е огромна. Би рекол, достигнува сигурно некаде до осумдесет, деведесет проценти.

Од она што и ние го имаме правено, меѓутоа исто така и најголемиот дел ваквите анализи и истражувања ги прават невладините организации, тоа е навистина за поздравување, во последните две - три години, имаме, би рекол, една интензивна состојба на појава на булингот, што драматично ја променува целокупната слика. Навистина е со загрижувачки размери. Имаме голема темна бројка на непријавување на самата состојба. Ако ги погледнете денеска социјалните мрежи, ќе видите дека најмалку на педесет проценти од апликации имате насилство или булинг. Тоа навистина е загрижувачки.

Околу 25 до 30 отсто од средношколците вршат одредено врсничко насилство спрема нивни врсници, покажува анализа на невладиниот сектор направена минатата година во државата. Според таа загрижувачка анализа, дури 14 отсто од децата потврдуваат дека биле жртви на врсничко насилство или булинг и тоа подолг временски период. Проблемот за врсничкото насилство е долгогодишен, а особено актуелен, по неодамнешното убиство на неколку лица во училиште во Србија и информациите во јавноста дека и самиот малолетен убиец, претходно бил жртва на врсничко насилство.

Врсничкото насилство е тема на која изминатиот период и се посветува внимание, од страна на правници, психолози, педагози, особено од страна на невладиниот сектор. Ова насилство настанува како резултат на искривување на вредностите во општеството. Децата сторители на ваков вид насилство обично сакаат да привлечат внимание. Најпрвин имаше само вербално и физичко врсничко насилство, со исмејување, но сега има и психичко насилство со закани, насилство преку социјални мрежи. Тоа врсничко насилство, ако не се препознае и спречи трае додека жртвата на булингот не се јави со соодветна реакција. Понекогаш, таа реакција може исто така да биде сериозна, како и самиот булинг. Затоа е неопходно да се делува превентивно во семејствата, училиштата, да се препознава евентуалното врсничко насилство и навреме да се реагира.

Жртвите на врсничко насилство најчесто чувствуваат загрозеност и срам и се повлекуваат. Многу често не се навреме препознати, додека проблемот не ја надмине црвената линија. На решавање на проблемите со врсничкото насилство, мора да има еден стратешки пристап. Мора да работи стручната фела, преку едукативни програми. Брзо и ефикасно да се препознае врсничкото насилство од кадарот во училиштата и соодветно да се делува. Родителите пак, да обрнат поголемо внимание околу тоа, како се однесуваат нивните деца. Наместо да го спречат меѓуврсничкото насилство, соученици го снимаат.

Се почесто има врсничко насилство, со години наназад. Што мислите, која е причината за такво нешто ?

Прво, овде лежат сите состојби. Економски, општествени, односите или степенот на функционирањето на образовниот однос. Меѓутоа, во најголемиот дел, причините мора да се бараат во самото семејство, во односот и комуникацијата, дете, родител. Бидејќи првите едукативни, образовни вредности на детето, нормално дека се добиваат, и детето се едуцира од страна на родителите. Потоа, надградбата во делот на едукацијата и образованието, продолжува во образовниот систем. И како ќе го воспитате детето, како родител, тоа така ќе се однесува понатаму. Нормално дека незадоволството кај децата, одредени неостварени нивни желби, како финансиски, така и други желби, потребата од докажување, забележување и слично, доведува до појава на насилничкото однесување и тоа пред се кај оние деца коишто по своите интелектуални, би рекол и други вредности, отскокнуваат, пред се по знаењата, по нивното однесување, по нивното докажување, по нивните успеси. Значи, самата состојба или феноменологија, укажува дека таргет се тие деца, коишто без своја вина, или најчесто она што се случува или како истражување, како состојба, ги имаме послабите ученици, бараат од подобрите ученици да бегаат од училиште и доколку не се придржуваат или не ја прифатат таквата сугестија, тогаш тие се таргет или цел на таквото насилничко однесување.

Ние имавме изминатиот временски период и во нашиот град и на ниво на цела држава, оваа појава се повеќе се манифестира. Но, она што загрижува во делот на феноменологијата, е тоа што децата коишто се таргет и коишто се напаѓаат физички, во најголем дел имаме физички, иако постои и психичко и друг вид на насилство, ниту еден од соучениците, не се обидува да го спречи насилството. Туку напротив, со мобилните телефони или со користење на други алатки, сето тоа се снима, со цел потоа да биде пренесено преку социјалните мрежи, фејсбук, твитер, тик - ток, што е многу популарно кај младите, со цел да предизвика интерес или забележување на оваа манифестација, од страна на другите. А оние коишто тоа го направиле, нивната цел е да бидат забележани дека всушност, нели, направиле одредено дело, одредени дејствија. И на тој начин да покажат сила и моќ, бидејќи на друг начин, преку знаење, преку учење или преку нудење на креативни активности, тоа не можат да го направат.

И тука е навистина проблематично, како од една страна се напаѓаат децата, а од друга страна, самите соучесници не пружаат никаква помош. Мислам дека тој страв што постоеше изминатиот временски период од пријавување, којшто е исклучително многу голема бројка, од една страна ги имаме нападите, но од друга страна го имаме стравот, што во иднина ќе се случи, доколку настанот се пријави, во полиција, обвинителство, Центар за социјални работи. Најголемиот дел од децата овие настани воопшто не ги пријавуваат и на нивните родители. Исто така, една од многу важните карактеристики на целата оваа феноменологија, на булингот, е тоа што децата жртви, се жртви повеќекратно. Неколку пати се повторува физичкото насилство врз нив. Тие не го пријавуваат насилството. Овој временски период трае, од неколку дена, месеци, па и години. Се до моментот, на нивното пријавување, кога веќе немаат друг излез, кога степенот на насилство ќе ја помине, би рекол, црвената линија, иако со првото дејство, всушност, се поминува црвената линија. Значи главната карактеристика е предолгиот период на непријавување и повеќекратното повторување на булингот.

Тука дефинитивно треба интензивно да се работи, како со родителите, така и со наставниците. Мислам дека системот на образование мора и те како да се промени. Да се делува стратешки, во насока, најпрво на детектирање, препознавање и откривање на булингот од страна на наставниците. Лично сметам дека тие заедно со родителите, мора да ја одиграат клучната улога. Морам да потенцирам исто така, дека најголемиот дел од децата, би рекол, 95 проценти, физичкото насилство што остава одредени последици по телото, телесните повреди, не ги пријавуваат на своите родители, во полициската станица, не се јавуваат во медицинските центри. Или пак, кога ќе бидат запрашани од страна на нивните родители, пријатели, другари, што е тоа што се случило, самите телесни повреди што се гледаат и со голо око, одговорот им е дека тоа е како резултат на одреден нивен пад, удар од врата, маса, биро и слично, од некоја друга активност што им се случила, а не кажуваат или не откриваат дека тоа е резултат на одредена активност што настанала како резултат на дејство што било извршено во булинг. Значи станува збор за една, би рекол, исклучително комплексна појава и состојба, на која што мора стратешки да се делува и мора да имаме еден инклузивен процес, вклученост на сите сегменти во општеството. Бидејќи станува збор за деца, а оваа појава, со она што се случи во Србија, според нашите проценки и анализи што ние ги правиме и од научна гледна точка, е, прашање на време, кога ќе експлодира самата состојба и во нашата држава.

Што е направено и што правите како тело, превентивно да се делува против врсничкото насилство ?

- Во моментов се подготвува стратегија, бидејќи, за превенирање на оваа состојба, мора да постои еден организиран пристап, инклузивност на сите засегнати државни органи и институции. Најпрвично тимовите во образовните институции, тоа се стручните тимови од педагози, психолози, социјални работници, коишто постојат во образованието. Понатаму, центрите за социјална работа. Се разбира, тука сигурно треба да се вклучат другите државни органи, каде што мора да се подигне нивото на едукација на родителите, преку еден стратешки пристап во таа насока. Затоа што, кога случајот ќе дојде пред јавното обвинителство или судот, веќе имаме делување на репресивните органи. Во моментов се работи на еден стратешки пристап, национална стратегија за превенција и заштита на сите овие деца, коишто трпат вакво насилничко однесување. Оваа стратегија се работи во рамките на Министерството за труд и социјална политика и се надевам дека многу брзо ќе биде финализирана и тогаш заеднички, цела држава ќе има еден организиран пристап во делот на превенцијата и заштитата, прво на жртвите, а понатаму нормално и санкционирање на децата коишто манифестираат такво однесување. Првостепено, од особено значење, за нас коишто работиме, е да ја заштитиме жртвата, да ги заштитиме дацата во оваа насока, коишто, поради срамот, не го пријавуваат насилството, булингот и тука мораме да ги охрабриме, дека секогаш ќе постои еден организиран систем за нивна заштита.

Досега, работевме на едукација, кампањи за подигање на свеста, ние организиравме неколку работилници, во неколку одбрани општини.

Кои се следните планирани чекори, во справувањето со насилството меѓу врсниците?

- Во наредниот период, тоа мора да го направиме стратешки, организирано и сметам дека мора секое училиште да биде посетено, заедно со целокупниот тој процес, да бидат запознати, со, првин, феноменолошките, етиолошките причини и појавата како манифестација. Понатаму, да бидат запознати и со активностите што треба да бидат преземени во насока, да се превенира оваа состојба.

Имате ли соработка и заеднички иницијативи со надлежните служби и граѓанскиот сектор, околу надминување на проблемите со врсничкото насилство?

- Имаме интензивна соработка. Во најголем дел, соработка со граѓанските организации, меѓутоа ние работиме во оваа насока, овој проблем да го подигнеме на највисоко државно ниво. Со цел, да не ни се случи состојбата, што ја имавме во соседна Србија.

Светлана Дарудова

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан