• понеделник, 23 декември 2024

За граѓаните традиционалните медиуми се најрелевантен извор на вести, но главно се информираат преку социјалните мрежи

За граѓаните традиционалните медиуми се најрелевантен извор на вести, но главно се информираат преку социјалните мрежи
Скопје, 26 декември 2020 (МИА) - Граѓаните ги сметаат традиционалните медиуми за најрелевантен и најдоверлив извор на вести, но социјалните медиуми претставуваат главен извор на информирање и иако постои одреден степен на свесност кога се во прашање лажните вести, една третина од нив не секогаш може да препознаат лажна вест, а повеќе од две третина ги дискутираат актуелните настани со своите семејства и блиски. Ова се дел од заклучоците што произлегуваат од истражувањето во рамки на проектот „Прва линија на вистината“, спроведено од Центарот за економски политички, анализи и консалтинг (ЦЕПАК) во период од 15 ноември година до 25 декември 2020 година, со поддршка од НАТО Дивизијата за јавна дипломатија. Целта на проектот била да се направи длабинска проценка, анализа и препораки за нов иновативен начин на комуникација помеѓу институциите и граѓаните, со цел да се зголеми отпорноста на општеството кон лажните вести и информации, особено во време на криза. Од истражувањето произлегува дека постои потреба од унапредување на состојбата на општеството за справување со лажни вести, бидејќи дури 41 отсто од испитаниците сметаат дека македонското општеството не е воопшто отпорно на лажни вести. Дополнително, во случај на кризи, половина од испитаниците сметаат дека немаат пристап до информации и протоколи за соодветно справување, па затоа постои потреба од апликација која би довела до подобро справување со кризите и намалување на негативниот ефект предизвикан од лажните вести кај населението. Главни извори на информирање Според резултатите од истражувањето, 93 отсто од анкетираните ги сметаат социјалните медиуми за извори на вести и информации, но сепак граѓаните најмногу им веруваат на традиционалните извори на вести (телевизии, радио, весници), а веднаш потоа ги наведуваат дигиталните верзии на традиционалните извори, поточно веб-страниците на овие извори на вести. Ваквите ставови се разликуваат во зависност од возрасната група на акетираните, па така за дури 96 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 22 години ги сметаат социјалните медиуми за извор на информации, додека ваков мислење имаат 89 проценти од граѓаните на возраст од 29 до 35 години. Процентот на оние за кои социјалните медиуми се извор на информации, се намалува со зголемување на возрасната категорија. Повеќе од 40 проценти од анкетираните ги наведуваат социјалните медиуми како главен извор за информирање, а на второто место со 31 отсто се дигиталните верзии, односно веб страните на традиционалните медиуми. Вестите на телевизиите, радиајата и печатените медиуми претставуваат главен извор за инфромирање за околу 25 проценти од испитаниците, а само четири отсто од лицата опфатени со истражувањето го навеле пренесувањето на вестите од човек на човек како главен извор на информирање. Традиционалните медиуми се главен извор за информирање за 29 проценти од испитаниците на возраст од 29 до 35 години и само 14 отсто на оние во старосната категорија од 18 до 22 години. Според едeн учесник во фокус групите главен извор на информации е „комбинација на сите“, со тоа што сите „ги конзумира електронски, односно преку нивните страни на социјални медиуми како фејсбук/твитер или преку броусер“. - Генерално следам само медиуми што сметам дека се релевантни и не се во целост навивачки настроени на една или друга страна, вели испитаникот. Друг пак вели дека за актуелните случувања најчесто се информира преку социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, каде што секојдневно „му излегуваат вести“.  - Ако сакам да се осигурам дека одредена вест е точна, ќе пребарувам на некој веб портал, додава учесникот во анкетата. Препознавање на лажни вести Вкупно 40 проценти од граѓаните опфатени со истражувањето изјавиле дека „можат брзо да препознаат лажна вест“, околу 25 отсто рекле дека „им треба време да препознаат лажна вест“, 30 проценти сметаат дека „не секогаш ги препознаваат лажните вести“, а пет отсто „ги прифаќаат сите пласирани вести на кој и да е медиум за комуникација“ Анкетираните за лажни вести ги сметаат оние кои содржат неточни, непроверени или измислени информации, со цел залажување на луѓето и оценуваат дека тие се „алатки за манипулација кои се користат за креирање на забуна во општеството“, со што „најчесто доаѓа до нереално отсликување на состојбите за сокривање на објективната вистина за да се реализира некаква агенда, да се влијае врз процесите на донесување одлуки или да предизвика некаква реакција кај народот“. Според испитаниците, лажните вести можат да предизвикаат паника и дополнителна вознемиреност кај населението особено во време на кризи како што е сегашната со пандемијата со Ковид-19, па дури кога таквата информација е споделена од забава или незнаење „не е безопасна“ и „лесно може да предизвика дополнителна паника и негативни реакции“. Реакција на лажните вести Дури 60 проценти од анкетираните се на ставот дека лажните вести се објавуваат најмногу „за да бидат во корист на одредена теза“, 25 отсто сметаат дека нивната цел е „креирање на забуна“, а помали проценти оценуваат дека „некои луѓе тоа го прават за забава“ или пак немаат дадено одговор. Вкупно 59 отсто од испитаниците „не пројавуваат интерест“ за веста ако знаат дека таа е лажна, но од друга страна 41 проценти од нив „пројавуваат интерес“ да ја прочитаат, иако се свесни дека станува збор за неточна и невистинита информација. Дури 80 отсто од анектираните навеле дека забележале лажна вест во традиционалните медиуми, но најголем дел сметаат дека тоа било резултат на „неквалитетно известување и непроверување на фактите“. Следење и споделување на вести Граѓаните опфатени со истражувањето следат вести од два до три пати на ден, при што околу 60 отсто изјавиле дека се информираат на електронските и социјалните медиуми, а околу 48 проценти следат вестите на традиционалните медиуми. Една третина (33 проценти) од испитаниците „секојдневно“ дискутираат за актуелните настани и вестите со своите семејствата и пријателите, околу 36 отсто тоа го прават „еднаш до неколку пати неделно“, 28 проценти „многу ретко“ го прават тоа, а три отсто „никогаш“ не разговараат на вакви теми. Повеќе од 55 отсто од испитаниците изјавиле дека „ретко“ или „никогаш“ не споделуваат вести и стории со пријателите и блиските на социјалните медиуми, околу 25 проценти тоа го прават „еднаш“ или „неколку пати неделно“, а 20 проценти ова го прават „секојдневно“. Ваквите податоци наведуваат на заклучокот дека иако социјалните медиуми играат голема улога во информирањето, постои значителен дел на граѓаните кои само читаат вести и информации, но не ги споделуваат на социјалните мрежи. Отпорноста на македонското општество на лажните вести Со анкетата испитанците имале можност да дадат свое мислење за тоа во колкава мера македонското општество е отпорно на лажните вест. Вкупно 41 отсто од анектираните изјавиле дека општествтото „воопшто не е отпорно“ на лажни вести, 33 проценти сматаат дека тоа е „делумно отпорно“, а само пет отсто се на ставот дека  нашето општество е „отпорно“ на оваа појава. Дури 22 проценти од испитанците немаат конкретен став за ова прашање. Информирање во случај на кризи Над половина од испитаниците или 50,4 отсто сметаат дека имаат пристап до информации и протоколи за соодветно справување со лажните вести, особено во услови на кризи, како епидемии/пандемии, поплави, пожари, земјотреси или други елементрани непогоди, додека останатите имаат спротивно мислење. Една од учесничките во фокус групите на истражувањето изјавила дека „сме самоуки кога станува збор за основните информации за реагирање во услови на криза”. - Само во изминативе неколку години бевме сведоци на неколку катастрофи, да ги издвојам како пример поплавите во 2016 година, а сега најново и пандемијата со вирусот Ковид-19, кои потврдија дека постојат евидентни слабости во системот, изјавила таа. Лицата опфатени со фокус групите имале различни ставови во поглед на пристапот до информации и протоколи во кризни ситуации, па така еден од нив смета дека институциите се тие што треба да ги даваат овие информации. - Како правило, информациите би биле преземени од надлежните државни органи - Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, полицијата, брзата помош, пожарната или која било институција што ќе биде посочена за надлежна, изјавил тој. Поради ваквите состојби, дури 89 проценти од испитаниците се на ставот дека „треба да се креира апликација преку која би имале пристап до проверени вести и информации од едукативен карактер“, што би придонело за подобро справување со кризите и намалување на негативниот ефект предизвикан од лажните вести. Потребно е зголемување на медиумската писменост и иновативен начин на комуникација Врз основа на ваквите резултати од истражувањето ЦЕПАК заклучува дека е потребно зголемување на медиумската писменост и охрабрување на критичкото размислување кај граѓаните, преку неформална едукација на населението од страна на Владата и невладиниот сектор, со цел општеството да стане поотпорно на лажните вести. - Изработка на платформа која ќе ги содржи и обединува сите информации дадени од страна на институциите, збирно и на едно место. Пренесување на вести до населението, преку иновативен начин на комуникација, со изработка и ставање во функција на алатка која би била бесплатна и достапна и би имала за цел да врши и информирање и едуцирање на граѓаните, посебно во случај на кризи, се наведува во препокарите на ЦЕПАК. Методологија на истражувањето Во рамки на проектот осум истражувачи ангажирани од националната мрежа на Алумни во периодот од 25 ноември до 3 декември 2020 година спровеле анкета со повеќе од 800 граѓани во осумте плански региони во државата и организирале осум фокус групи со преку 80 учесници. Анкетата вклучувала вкупно 20 прашања, од кои 11 отворени и девет затворени, при што биле пополенти вкупно 836 прашалници, додека дискусиите со 80 учесници во фокус групите овозможиле добивање на подетални одговори на дел од темите кои се разработуваат во истражувањето. Над 85 отсто од граѓаните вклучени во истражувањето биле на возраст помеѓу 18 и 35 години. Од нив 61 отсто биле мажи, 38 проценти жени, а кај еден отсто од испитаниците во анкетата полот не бил наведен. Дури 78 проценти од анкетираните живееле во урбаните средни, а 22 отсто во рурални. Кога станува збор за занимањето, 35 проценти од испитаницте биле студенти, 34 отсто вработени во приватниот сектор, 17 проценти во државната или локалната администрација, четири отсто во граѓанскиот сектор, а 10 проценти биле невработени. Кога станува збор за фокус групите од 80-те учесници, 53 отсто биле жени, а 47 проценти мажи. Центарот за економски политички, анализи и консалтинг (ЦЕПАК) е граѓанска организација, која од своето формирање во 2015 година, па до денес со својот тим работи на зајакнување на врската помеѓу истражувањето, јавната политика и економијата со употреба на иновативна комуникација и мобилизирање на граѓаните во развојот на јавниот дијалог и креирање политики. Сашко Панајотов

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан