• понеделник, 23 декември 2024

Захариева: Емоциите во Скопје и Софија мора да се смират за да се најде решение

Захариева: Емоциите во Скопје и Софија мора да се смират за да се најде решение
Софија, 13 јануари 2021 (МИА) - Бугарија ја направи темата за проширувањето крајно видлива во Европската унија, но се покажа дека е невозможно во оваа фаза да каже „да“ за рамката за преговори со Северна Македонија, затоа мислам дека емоциите мора да се смират, и во Скопје и во Софија, и да се најде решение, вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за софискиот весник „Труд“. - Мислам дека кога емоциите ќе се смират во Бугарија, а особено во Северна Македонија и таа ќе почне да размислува и постапува порационално, ќе се види дека Бугарија никогаш не била непријател, туку напротив продолжува да биде искрен пријател. И кога сте искрен пријател, мора да ги посочите проблемите и да барате начин да ги решите, нагласува Захариева. Според неа, европската перспектива на Западниот Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, е главен двигател за реформите и за вистинско помирување во земји од регионот, па затоа проширувањето на ЕУ било главен приоритет на бугарското претседателство со Унијата. - Бугарија го направи својот најлогичен избор како сосед на овие земји и од аспект на нашите национални интереси. Значи, ние не направивме никаква грешка. Во однос на моменталната состојба, мислам дека моите колеги, политичарите воопшто (не само Владата) во Република Северна Македонија никогаш не сфатија како работи Европската Унија. Тие не реагираа на време на предупредувањата на Бугарија, кои се случија и за време на состаноците на сите нивоа со тамошните политичари, па дури и по усвојувањето на декларацијата на бугарскиот Парламент. Ние постојано им објаснивме на пријателски начин дека договорите мора да бидат исполнети и дека нема кој да ја принуди Бугарија, како што беа доведени во заблуда во Скопје, да се повлече од потпишаниот договор, да го заборави и да ја заборави својата рамковна позиција. Ние ги предупредивме најмалку една и пол година пред да ги донесеме заклучоците за проширувањето од март 2020 година. Самиот став на бугарскиот Парламент беше одобрен една година порано, а пред оваа позиција ние сигнализиравме и повикувавме постојано за усогласување со договорот. Неисполнувањето на оваа обврска ја поткопува довербата на Бугарија во нивната искрена желба да го исполнат овој договор, додава Захариева. Шефицата на бугарската дипломатија смета дека излезот од сегашната ситуација во односите меѓу Скопје и Софија лежи во враќањето на довербата. - Ние работиме во оваа насока. Не застанавме, не се откажавме во никој случај. Ние работиме заедно на јасен план во спроведувањето на нашиот договор - да го надополниме изгубеното време. Постојат многу практични и јасни обврски што двете страни мора да ги прифатат, мора да има јасна определба дека работата на заедничката историска и образовна комисија повеќе нема да престане еднострано. Ние сакаме да видиме заложби, какви и одлуки да се донесат, тие не треба да останат само на ниво на одлуки на членовите на комисијата, туку да станат јавни, да влезат во учебниците. Се надевам дека кога ќе се вратиме на нашите заложби, ќе се врати довербата, наведува Захариева. Во однос на проширување на ЕУ за време на португалското претседавање, Захариева нагласува дека ставот на Лисабон е оти со овој процес не треба да се брза, додавајќи дека лично се согласува со тоа и смета оти „нема смисла да се одржува состанок секој месец без да има напредок во однос на прашањата што се ставени на маса“. - Бугарија не е непријател на Република Северна Македонија и колку побрзо го сфати тоа, толку побрзо ќе има корист за нејзините граѓани. Не очекувам притисок од португалските пријатели и колеги, ниту од некого друг. Ние мора да работиме заедно, вели Захариева. Според неа, излузорно е да се верува дека при евентуална смена на власта во Бугарија по изборите во март, Софија би омекнала во својот став кон земјава и би отстапила од некои од своите барања. - Ова се слуша од минатата година. Но, ретко, многу ретко, бугарскиот Парламент донесува едногласна одлука за кое било прашање. Ова беше случај со Рамковната позиција за Република Северна Македонија. Така што не очекувам нешто такво, истакнува Захариева. Бугарската министерка потенцира дека основен принцип на ЕУ пред и за време на процесот на пристапување е да се решат сите проблеми и отворени прашања не само со членките на Унијата, туку и со соседите. - Имаме голем број лоши примери на нерешени билатерални прашања и токму тоа ги прави земјите членки крајно внимателни во однос на проширувањето. Никој не е заинтересиран за вакво проширување и тоа мора да се сфати во Скопје. Да не се прават обиди за компромис со Бугарија со искривување на позицијата на нашата земја. Бугарија продолжува да биде пријател и да ја поддржува европската перспектива на земјите од Балканот, вклучително и Република Северна Македонија. Сепак, оваа поддршка не е безусловна. Условите се јасни - тие се европски, додава Захариева во интервјуто за „Труд“. сп/ац/

Остани поврзан