Засилени контроли и патроли на критичните точки за спречување на палење отпад и смет во Куманово
- Заеднички патроли на комуналната инспекција и на СВР Куманово ќе патролираат покрај најкритичните точки каде постојано се пали смет, отпад, соопшти на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски по завршување на кризниот штаб.

Куманово, 1 јули 2025 (МИА) - Заеднички патроли на комуналната инспекција и на СВР Куманово ќе патролираат покрај најкритичните точки каде постојано се пали смет, отпад, соопшти на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски по завршување на кризниот штаб.
Дежурна екипа на ТППЕ Куманово ќе патролира на потегот од „Стари лозја“ , па сè до влезот на населбата „перо Чичо“ каде секое попладне избувнуваат пожари и несовесни граѓани палат смет.
- На овој потег, каде што често се јавува опожарување или на ниска трева или на диви депонии. Има и појави и откриени сторители на опожарување на отпад којшто подоцна се користи се препродажба или конкретно стари автомобилски гуми. Од денеска ќе почнат да патролираат а комунална инспекција и претставници на полициската станица од општа надлежност каде што ќе контролираат, ќе работат превентивно, изјави Димитриевски.
Тој апелираше до граѓаните да се воздржат од палење оган на отворено и најави дека екипа на кумановската противпожарна единица ќе патролира на овој клучен потег. Воедно, општината ќе испрати допис до „Македонски Железници“, МЕПСО, ЕВН и ќе побара интервенција во нивна надлежност.
- На трасата помеѓу Романовце-Брзак-Агино село поради искрење на високонапонските жици на самата железничка траса доаѓа до опожарување на тревата којашто покрај железничкиот коловозот железничкиот коловоз, изјави Димитриевски.
Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ дополнително ќе продолжи со расчистување на дивите депонии во урбаните заедници. Градоначалникот соопшти дека во последните акции на инспекцијата има 20-тина граѓани кои се фатени на самото место како палат отпад, но укажа дека обично поминуваат со прекршочни санкции и најави средби со обвинителството.
На овој потег ќе се постават и поголеми садови за смет, коишто често беа уништувани. Еден од заклучоците е кумановската подружница на Национални шуми“ да обезбеди повеќе луѓе за гасење на шумски пожари. Димитриевски се надева дека Владата позитивно ќе одговори на барањата на општината за дополнително ангажирање на 40 пожарникари.
Утре, средба најавија и жителите на „Октомвриска револуција“ кои секојдневно се жалат на миризба и од палењето на оган на отворено. Според последните податоци направени од истражување, втор причинител за аерозагадување во Куманово е согорување отпад на отворено. Димитриевски повика на поголема свест кај граѓаните за овој проблем. ам/дма/
Фото: МИА и социјални мрежи