• петок, 22 ноември 2024

Засадени садници во Паркот на франкофонијата

Засадени садници во Паркот на франкофонијата

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и дел од резидентините амбасадори во земјава денеска засадија 10 садници во Паркот на Франкофонијата во Скопје, како активност со која симболично беше заокружено одбележувањето на месецот на Франкофонијата.

Османи истакна дека франкофонијата е во служба на зближувањето на народите, жива и посветена организација на мисијата на дијалог и промовирање на универзалните вредности, мир, демократија и човекови права, а со засадувањето дрвца афирмираат уште една вредност - чувањето на природината околина.

-Живееме во свет полн со превирања, мирот како темелна вредност за која мислевме дека не може да биде доведена во прашање, повторно е нарушен од пламените јазици на војната и тоа во самата Европа. Ова уште повеќе не мотивира да се сплотиме и да создадеме синергија, а чинот на садење дрвце, нека биде симболична порака за мир, заедништво и соработка која ја испраќаме од Пракот на франкофонијата, рече Османи.

Амбасадорот Бомгартнер порача меѓу другото дека човековите права, демократијата и мирот се меѓу вредностите на Франкофонијата, кои во денешниот свет се навистина строго оспорувани и затоа е многу важно што сме обединети во нивната одбрана. Тој при тоа им се обрати на учениците кои беа дел од настанот.

-. За неколку години дрвцата ќе пораснат, а за тоа време вие ќе бидете возрасни, ќе станете гласачи и идни водачи на земјата. Симболичното засадување нови дрвца не повикува со големо внимание да го следиме затоа што преку него се гради и вашата европска иднина, истакна Бомгартнер. 

Градоначалникот на Општина Центар Герасимовски кој беше домаќин на завршниот настан садење на дрвја во Паркот на Франкофонијата истакна дека остануваат посветени да ја негуваат Франкофонијата преку едукативни настани и програми кои ќе го збогатат знаењето кај децата и ќе ја зголемат употребата на францускиот јазик.

На настанот учествуваа и резидентни амбасадори на земјите членки на Организацијата на франкофонија, резидентните почесни конзули на земјите франкофони, Белгија и Канада, како и ученици од француските паралелки и Францускиот институт и директори на училишта. вг/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан