• недела, 22 декември 2024

Започнува „Крај Вардарот Џез“ – годинашното издание во чест на Мирко Попов

Започнува „Крај Вардарот Џез“  – годинашното издание во чест на Мирко Попов

Скопје, 18 април 2024 (МИА) – Во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, денеска во едукативниот центар „Лабораториум“ се одржа прес-конференција на која присуствуваа организаторите на фестивалот Владан Дробицки и Виолета Качакова, како и претставниците на изведувачките состави од годинашната програма, Оливер Митковски од проектот „Поетроника“, Дуња Иванова од музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ и диригентот на Биг бенд – музика на Кире Костов, Љупчо Мирковски.

Иновативноста во градењето на фестивалската програма, Качакова посочи дека е присутна како во творештвото на авторите, така и во начинот на презентација на нивната музика. Вели овогодинешното фестивалско издание ги надминува границите на уметничките дисциплини и музичките жанрови спојувајќи џез, електроника, современа музика, поезија и проза.

– Фестивалот е тесно поврзан со дискографската куќа „PMGJazz“. Со 47 изданија македонска џез, светска и современа музика, освен како издавачи, континуирано организираме концертни и слушачки промоции. Домашната музика станува достапна до меѓународни музички професионалци и куратори, кои го признаваат нејзиниот квалитет, преку низа награди за најдобри џез албуми и композиции на дел од изданијата за ПМГ Џез, доделени од музичките платформи „Bandcamp“ и „All About Jazz“. Непосредно пред почетокот на фестивалот „ПМГ Џез“ излезе со три нови изданија на изведувачи, кои ќе настапат на фестивалот, истакна Качакова.

Митковски, кој е дел од проектот „Поетроника“, посочи дека со начинот на интерпретација на поезија се руши генералното мислење кое доаѓа по инерција, за тоа како се изведува поезија. Вели музиката и поезијата се во совршена симбиоза истакнувајќи дека иако се работи за електронска музика, таа содржи елементи на џез и етно. 

– Андреја Салпе креира совршена таписерија од звуци, а нарацијата, поезијата ги крши сите клишеа. Целта ни беше да се срушат баналниот начин на интерпретација на поезија, како и оние клишеа кои што по инерција постојат на овие простори за тоа како се изведува македонска поезија. Сакам да истакнам дека Мирко прв го препозна квалитетот на овој проект. Неодамна ни даде неколку необјавени текстови поезија, така што моментално работиме на еден од нив и е имплементиран во преработката на песната Кругови од Мирко Попов и Сетстат, која премиерно ќе ја изведеме на 27 април, рече Митковски.

Првата фестивалска вечер ќе се одржи на 20 април, во Лабораториум, со почеток од 21 часот каде ќе настапат „Cobalt Code Unit“, фракција од четири млади музички аскети, за кои организаторите велат дека успеваат да ја спојат традицијата, современиот џез и бучавата на индустрискиот метеж. На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова, како автор на текст и наратор на приказна.

– Иницијална каписла за овој проект се заедничките спомени со сестра ми Тина и мирисот на липите, кој не потсетува на нашето детство и заедничката потреба да создадеме нешто храбро, рече Иванова во своето излагање.

Потоа во 21 часот следи концерт на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски со музика на еден од стожерите на современата џез композиција - Кире Костов.

– Се што научив за музиката и свирењето научив од Шпато и од Кире Костов и многу сум врзан за неговото творештво. Владан и Мирко направија избор од негови компизиции, кои под мојата палка ќе ги изведе Биг бендот, изјави Мирковски.

„Крај Вардарот Џез” ќе биде затворен со третата фестивалска вечер што ќе се одржи на 27 април во Лабораториум, со почеток во 21 часот, со концерт на „Macedonian Free Society“, состав во кој членуваат инструменталисти кои се дел од PMGJazz од самиот почеток на издавачката куќа. Во 22 часот ќе започне настапот на „Поетроника“, за кој според организаторите претставува еден од највозбудливите проекти кој во форма на поетско-музички перформанс ја спојува македонската поезија со современа електронска музика.

Годинашното издание ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки се идејни творци на фестивалот. „Крај Вардарот Џез” е поддржан од Министерството за култура и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум, доколку пак, концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар. 

Онлајн продажбата на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Програмата за 20 април е бесплатна. Билетите се достапни на следниве линкови:

https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzblok24 (за блок карта)

https://bileti.mk/e/krajvardarotjazz24 (за 23 април)

https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzfest24 (за 27 април) ра/бак/

 Фото: Димитар Апостолов

Остани поврзан