• петок, 16 јануари 2026

Започнува европскиот проект PATS: Младите уметници го освојуваат јавниот простор со еколошки и општествени пораки

Започнува европскиот проект PATS: Младите уметници го освојуваат јавниот простор со еколошки и општествени пораки

Скопје, 16 јануари 2026 (МИА) -  Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со цел да создаде нови можности за младите уметници да ја изразат својата креативност и да пренесат силни еколошки и општествени пораки преку уметнички перформанси во јавни простори.

Проектот е финансиран преку програмата Erasmus+ на Европската Унија и има за цел да ја промовира уметноста како алатка за активизам, граѓанско учество и подигнување на јавната свест за клучни општествени и еколошки предизвици. Преку различни образовни активности, меѓународни обуки и јавни уметнички перформанси, PATS ќе ги оспособи младите уметници и младинските работници да го применуваат уметничкиот активизам во своите локални заедници.

Во рамки на проектот е предвидено развивање онлајн образовна платформа, специјализирани обуки за уметнички перформанс и активизам, како и вмрежување и меѓународна размена на знаења и искуства. Дополнително, ќе бидат реализирани 25 јавни улични перформанси во пет европски земји, со цел поттикнување јавна дебата, активно вклучување на граѓаните и зголемување на видливоста на социјалните и еколошките прашања.

Проектот PATS се фокусира на предизвиците со кои се соочуваат младите денес, како што се ограничените платформи за креативно изразување, високата невработеност, ниската културна вклученост и недоволното граѓанско учество.

Проектот се спроведува од Еко Логик како партнер од Северна Македонија, заедно со организациите uniT GmbH од Австрија (координатор), Udruzenje Gradjana BUM од Србија, Amarelarte – Associação Cultural e Recreativa од Португалија и The Hive P.C. од Грција.

Со комбинирање на уметност и активизам, проектот PATS има за цел да изгради нова генерација млади уметници кои преку креативност и јавен настап ќе го поттикнат општеството кон поодржлива, инклузивна и свесна иднина. дма/са/

Фото:  проект PATS

Остани поврзан