• понеделник, 23 декември 2024

Започнува грејната сезона во Скопје

Започнува грејната сезона во Скопје
Скопје, 15 октомври 2022 (МИА) – Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење ќе започне од денеска со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот, уверуваат надлежните. Министерот за економија Крешник Бектеши во четвртокот на скопјани им порача дека на 15 октомври ќе имаат топли радијатори и дека такви ќе останат радијаторите во текот на целата грејна сезона. -На 15 октомври со почетокот на грејната сезона ќе почне снабдувањето со топлинска енергија, радијаторите во Скопје ќе бидат топли. Топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, истакна тогаш Бектеши. Кажа дека е набавен гас за првите две недели од октомври по најповолна цена, која е двојна поевтина од претходните понуди, а очекувањата се дека од следниот месец ќе се обезбеди гас по поконкурентни цени со цел да има најниски трошоци за граѓаните. -Од 15 октомври топланите Исток и Запад ќе произведуваат 100 проценти од потребите за топлинска енергија за град Скопје доколку не работи ТЕ-ТО. Ако, пак, ТЕ-ТО не може да обезбеди гас за работа, тоа може да го направи државата преку ЕСМ која е задолжена да раководи со производството и дистрибуцијата на топлинска енергија за Скопје, рече Бектеши. Во насока на обезбедување на гас, како што кажа, договорено е со бугарската страна да се зголеми притисокот во гасоводот од постојните 36 на 48 бари за да се зголеми протокот на гасоводот. Тоа, како што рече, се прави со цел да се направат напори да се снабдуваме со гас и од други извори освен од Гаспром кој до 2030 година целосно го има закупено моменталниот капацитет на гасоводот. Најави дека до крајот на годинава ќе започне и изградбата на гасоводот со Грција. И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски вчера потврди дека се исполнети сите предуслови за нормално започнување на грејната сезона во Скопје од 15 октомври. Тоа, како што рече, е овозможено со доделените три лиценци за продажба, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија во град Скопје на главна седница на РКЕ. -Донесовме три одлуки за вршење на енергетски дејности од делокругот на топлинската енергија. Лиценца за извршување на дејност регулирано производство на топлинска енергија до 30 април 2023 година доби ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје, лиценца за дистрибуција на топлинска енергија во траење од 35 години доби ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, а лиценца за снабдување со топлинска енергија во траење од 10 години доби ЕСМ снабдување со топлина, рече Бислимоски. Со издавањето на овие лиценци, како што посочи, се исполнети сите предуслови кои се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври. -Ќе важат и понатаму сите критериуми и параметри кои важеа од претходно, односно загарантираната температура ќе биде 21 степен Целзиусов, а ист како и претходно ќе биде и периодот на започнување и завршување на греењето, прецизира Бислимоски. Нагласи дека во Белград и во Италија за една недела е одложено започнувањето на грејната сезона, а во повеќето земји максималната температура која се гарантира е 19 степени Целзиусови. Вети дека РКЕ ќе направи се што може за да се набави соодветно гориво за да има непречено одвивање на грејната сезона и додаде дека скопјани ќе имаат парно греење без разлика дали ќе работи ТЕ-ТО или не. -До 2012 година сите потреби на Скопје ги задоволуваа топланите Исток и Запад, а и од 2012 година кога беше вклучено ТЕ-ТО имаше подолги периоди кога не работеше когенеративната електрана, бидејќи не им одговараа пазарните услови при што немаше никакви проблеми во снабдувањето со топлинска енергија во град Скопје, рече Бислимоски во одговор на прашање. Сепак, потенцира, дека добро би било да работи ТЕ-ТО. -Пресметките се правени дека ТЕ-ТО ќе работи со 70 проценти во просек во текот на грејната сезона, а 30 проценти да се добиваат од топланите. Во октомври  и ноември не е проблематично од тој аспект заради очекувањата дека ќе имаме нешто повисоки температури од вообичаените. Затоа работењето или неработењето на ТЕ-ТО нема да создаде никаков проблем, уверува Бислимоски. Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север. Трите топлани имаат можност да работат на природен гас или на мазут, а по потреба и на дизел, додека когенеративната електрана ТЕ-ТО, која е во приватна сопственост, може да работи само на природен гас. Доколку таа работи задоволува 70 проценти од потребите за греење на скопјани, а останатите 30 проценти ги покриваат топланите Исток и Запад. вј/лв/

Остани поврзан