• петок, 13 февруари 2026

Започна обновата на Спомен-домот на Разловечкото востание во Разловци

Започна обновата на Спомен-домот на Разловечкото востание во Разловци

Дeлчево, 13 февруари 2026 (МИА) - Активно се реализира проектот за целосна обнова на Спомен-домот на Разловечкото востание во делчевското село Разловци, објект од исклучително историско и културно значење за македонскиот народ. Со проектот се исполнува повеќегодишна заложба за заштита и ревитализација на овој значаен споменик, кој претставува симбол на првото организирано македонско востание.

На отпочнувањето на градежните активности присуствуваа претставници од изведувачот, градежниот и конзерваторскиот надзор, директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ Златко Начовски, директорот на Национален конзерваторски центар Александар Јорданоски, како и претставници од Општина Делчево.

Директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, Златко Начовски, нагласи дека проектот има особено значење за заштита и унапредување на културно-историското наследство поврзано со Разловечкото востание, како еден од најзначајните настани во македонската револуционерна историја.

-Обновата ќе обезбеди соодветна заштита на објектот, подобрување на инфраструктурата и создавање подобри услови за презентација на историските содржини пред посетителите, со што ќе се придонесе и кон развој на културниот туризам во регионот, истакна Начовски.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски ги поздрави започнувањето на работите потенцирајки дека обновата на Спомен-домот е исполнување на јавно дадено ветување пред граѓаните и важен чекор во зачувувањето на националната историја. 

-И покрај сомнежите во минатото, проектот денес станува реалност, а заложбите на локалната самоуправа се водени од одговорност и љубов кон историското наследство. Разловци заслужува ваков капитален зафат, а идните генерации треба да растат со чувство на гордост и припадност кон сопствената историја, додаде Гоцевски, подвлекувајки дека со реализацијата на овој проект се прави значаен чекор кон трајно зачувување на автентичноста на Спомен-домот и негово достоинствено претставување пред јавноста и идните генерации.

Градежните работи ќе се одвиваат согласно утврдениот план и под стручен надзор, а во наредниот период се очекува зголемување на бројот на ангажирани работници и интензивирање на динамиката на работа.

Вредноста на проектот изнесува 21 милион денари, а средствата се обезбедени од Министерство за култура и туризам, со поддршка од Владата. вс/сст/

Фото МИА

Остани поврзан