• среда, 01 јануари 2025

Започна кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ со делење на 150 пакетчиња

Започна кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ со делење на 150 пакетчиња

Скопје, 29 декември 2024 (МИА) – Со делење на 150 пакетчиња за деца од згрижувачки семејства денеска започна Националната кампања „Поддршка за згрижувачките семејства“. 

На настанот што се одржа во ВЕРО Центар, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, изјави дека оваа иницијатива покажува како сите заедно можеме да направиме разлика и да донесеме радост и топлина за време на празниците.

- Згрижувачките семејства обезбедуваат многу повеќе од дом – тие се извор на љубов и стабилност за децата кои се соочуваат со животни предизвици. Истовремено, центрите за лица со попреченост претставуваат соодветно место каде овие лица добиваат поддршка, стручна грижа и можност да ги развиваат своите вештини. Оваа иницијатива покажува како сите заедно можеме да направиме разлика и да донесеме радост и топлина за време на празниците, изјави Велковски.

Петар Денковски, директор на ВЕРО, додаде е голема чест и задоволство да се биде дел од кампањата за поддршка за згрижувачките семејства. 

- Празниците се време на љубов, надеж и дарување. Згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост се вистинските херои на нашето општество, а преку оваа кампања имаме можност да ги поддржиме и да внесеме насмевки на лицата на децата под нивна грижа. Не станува збор само за подароците, туку и за создавање моменти на заедништво, радост и потсетување дека сите сме дел од истата заедница, истакна тој.

Според информациите на заменик-министерот Велковски, во моментов, во Македонија се згрижени над 320 деца во над 230 згрижувачки семејства.

Кампањата има за цел да оддаде признание на згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост, како и да овозможи помош и промени во животите на децата на кои тоа им е најпотребно. ар/ац/

Фото: ВЕРО Центар

Остани поврзан