• сабота, 21 декември 2024

Запленета дрога вредна околу шест милиони евра од правни субјекти во Кавадаречко и Битолско 

Запленета дрога вредна околу шест милиони евра од правни субјекти во Кавадаречко и Битолско 

Скопје, 14 април 2023 (МИА) - Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи - Единица за недозволена трговија со дрога, денеска запленија голема количина на марихуана од две фабрики за производство на канабис за медицински цели, во две координирани акции што беа спроведени заедно со полициски службеници од СВР Велес - ОВР Кавадарци и ОВР Неготино, како и со СВР Битола.  

-По претходно преземени мерки и активности и обезбедени докази дека правните лица постапувале спротивно на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци,  односно во правните субјекти одгледувале растенија канабис спротивно на законот, со цел понатамошна продажба на дрогата, биле обезбедени наредби за претрес од Основен суд Кавадарци и Основен суд Битола. По претходно извршени контроли на полициски службеници заедно со претставници од Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели од правен субјект во Кавадаречко, била одземена марихуана во вкупна количина од еден тон, 570 килограми и 135 грама, и тоа како финално обработен и необработен сув цвет од канабис, биомаса од канабис, суви листови и суви гранки од канабис, информира Сузана Прањиќ Талевска од МВР.  

При контролата, како што кажа, биле констатирани неправилности при работењето, односно во сеф собата бил  пронајден сув цвет од канабис кој не бил означен и спакуван согласно законските прописи, а во останатите простории била пронајдена непријавена сува маса од канабис за кое правното лице не доставило известување до Комисијата при Министерство за здравство.  

-Не била пријавена ни количината на финален сув производ, а во целиот процес на одгледување се постапувало незаконски, бидејќи иако имале законска обврска да ја известат Комисијата, тоа не го правеле за да можат произведената дрога марихуана да ја пуштат во продажба на црниот пазар, чија вредност изнесува околу шест милиони евра и на тој начин да се стекнат со противправна имотна корист, рече Прањиќ Талевска. 

Нагласи дека од правно лице со седиште во Битолско, биле одземени 300 килограми марихуана и 494 растенија канабис.

-Министерството за внатрешни работи поднесе две кривични пријави против сопствениците на правните субјекти, за кои е утврдено дека се државјани на Република Албанија, и тоа од СВР Битола по член 215 од Кривичниот законик и член 95 В од Законот за контрола на опојни дроги, како и од страна на ОВР Кавадарци поднесена е кривична пријава по член 95 В. Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавен обвинител, презема понатамошни мерки и активности за утврдување на одговорност и на останати лица инволвирани во незаконска трговија со дрога, посочи Прањиќ Талевска. вј/нд/

 

Фото: МВР

Остани поврзан