• петок, 15 ноември 2024

Заокружен проектот за ревитализација на стариот чинар во Охрид

Заокружен проектот за ревитализација на стариот чинар во Охрид
Охрид, 4 декември 2020 (МИА) – Општина Охрид го заокружи проектот за санација и ревитализација на стариот охридски чинар, едно од најпрепознатливите обележја на градот. Проектот го спроведе фирмата „Форест Фагус“, под стручен надзор на проф. Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје. Се очекува со спроведената санација да биде продолжен животниот век на споменикот на природата заштитен со закон што дел поради староста, дел поради несоодветна заштита беше во мошне лоша кондиција. Претходно стеблото на дрвото беше конзервирано со пурпена, со шиндра и мрежа, што според експертите придонело за забрзаното негово пропаѓање. Сега дрвото е „ослободено“ од тие стеги, механички е обезбедено со четири потпорни столба, а согласно препораките на експертите, понатаму грижата за добрата кондиција на чинарот ќе ја води Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ со однапред определени мерки за негова ревитализација. Предвидено е и уредување на просторот околу самиот чинар, што би било минималистичко за да се истакне самото дрво, со спроведена инсталација за негово наводнување и соодветна илуминација. Од Одделението за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид се најавува дека ќе биде спроведена санација и на останатите чинари во градот, како и на кочеџикот кај црквата Св. Богородица Перивлепта. аб/мс/

Остани поврзан