• недела, 22 декември 2024

Заниоло се враќа во Италија, Галатасарај добро ќе заработи од него

Заниоло се враќа во Италија, Галатасарај добро ќе заработи од него

Истанбул, 3 јули 2024 (МИА) - Николо Заниоло (25) се враќа во Серија „А“ по година и пол помината во Галатасарај, за кои се појави само 12 пати, постигна пет гола и еднаш асистираше.

Офанзивниот играч за врска, кој во меѓувреме играше како позајмен во Астон Вила, беше вратен во Италија од Аталанта, објави водечкиот италијански трансфер гуру Џанлука ди Марцио.

И покрај тоа што Фиорентина сакаше да го доведе, на крајот турскиот клуб и италијанскиот фудбалер ја прифатија понудата на клубот од Бергамо. Заниоло следната сезона ќе игра како позајмен играч за сума од 3,5 милиони евра, а потоа Аталанта ќе има право да го купи за уште 16 милиони евра доколку одигра 60 отсто (или повеќе) од натпреварите во сезоната.

Со бонуси за голови, асистенции и тимски резултати, Галата од овој трансфер на крајот би можеле да заработат 22 милиони евра.

Потсетуваме, во февруари 2023 година, кога ненадејно ја напушти Рома и се пресели во Истанбул, трансферот на Заниоло беше вреден 15 милиони евра.

Несудениот првотимец на Интер и своевремено прва ѕвезда на младинскиот тим на „нероазурите“ го потпиша својот прв професионален договор со Рома, за која одигра 128 натпревари, постигна 24 гола и даде 18 асистенции.

Ќе беа уште повеќе доколку вторпат во кариерата не ги скинеше лигаментите на коленото додека настапуваше за „волчицата“. Првиот пат тоа се случи кога тој играше за Примавера на Интер.

Бидејќи воопшто не се снајде во Галатасарај, минатото лето беше договорена позајмица во Астон Вила, за која Заниоло одигра 39 натпревари и постигна три гола.

За италијанската репрезентација настапи 19 пати и постигна два гола. Можно е да се најдеше на списокот на тренерот Лучано Спалети за ЕУРО 2024 доколку на 14 мај не заработи уште една тешка повреда во кариерата - скршеница на метатарзалната коска на стапалото. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан