• вторник, 03 декември 2024

Заменик министерката Трајков на средба со Рита Колумбиа, новоименуваната координаторка на ОН во земјава

Заменик министерката Трајков на средба со Рита Колумбиа, новоименуваната координаторка на ОН во земјава

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Заменик министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, Викторија Трајков, оствари средба со Рита Колумбиа, новата постојана координаторка на Обединетите нации во нашата земја. На средбата беа нагласени приоритети и предизвици во зајакнувањето на соработката меѓу нашата земја и ООН, со посебен акцент на процесот на европска интеграција и одржливиот развој, информираат од Министерството.

Трајков изразила благодарност за долгогодишната поддршка на Обединетите нации во важни области како што се реформите во јавната администрација, владеењето на правото, образованието, здравството и родовата еднаквост. Таа ја нагласила важноста од унапредување на партнерствата и посочи дека координираните активности со агенциите на ОН играат клучна улога во исполнувањето на стратешките цели на земјата.

Координаторката Рита Колумбиа, пак, ја потенцирала посветеноста на Обединетите нации кон поддршката на нашата земја во нејзините реформски процеси, прилагодени на потребите на граѓаните и усогласени со Агендата за одржлив развој 2030.

Средбата, како што велат од Министерството за европски прашања, ја потврдила заедничката определба за продолжување и продлабочување на соработката во интерес на напредокот и добросостојбата на граѓаните. сст/ац/

Фото: Министерство за европски прашања

 

 

Остани поврзан