Заменик-министерот Ристески дел од владината делегација на чествувањето на загинатите бранители пред комплексот „Карпалак“ во Прилеп
- -Овие луѓе се големи херои на Македонија, но тие беа и наши сограѓани, нашите соборци, наши синови, татковци, сопрузи... Тие беа подготвени и ја дадоа најголемата жртва за нашата татковина, нешто што никој од нас ниту смее, ниту може да го заборави. Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија, а наша должност е достоинствено да ги чествуваме, да се сеќаваме на нивната жртва и да го пренесеме нивното херојство и љубов кон Македонија на идните генерации, рече заменик-министерот Ристески.
Скопје, 8 август 2025 (МИА) - Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, Лазе Јаќимоски, заменик-министер за јавна администрација и Ане Лашкоска, заменик-министер за животна средина и просторно планирање денеска на споменикот Карпалак во Прилеп положија цвеќе во спомен на десетмината бранители, припадници на Армијата кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје - Тетово.
Во обраќањето пред семејствата на загинатите и многубројните делегации кои оддадоа почит на загинатите бранители, заменик-министерот Ристески изрази почит кон Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, за нивната храброст и пожртвуваност.

-Овие луѓе се големи херои на Македонија, но тие беа и наши сограѓани, нашите соборци, наши синови, татковци, сопрузи... Тие беа подготвени и ја дадоа најголемата жртва за нашата татковина, нешто што никој од нас ниту смее, ниту може да го заборави. Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија, а наша должност е достоинствено да ги чествуваме, да се сеќаваме на нивната жртва и да го пренесеме нивното херојство и љубов кон Македонија на идните генерации, рече заменик-министерот Ристески.
Во Прилеп вчера голем број делегации положија цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев”, како и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот „Св. Петка“.

Чествувањето во спомен на загинатите бранители продолжи денес со посета и оддавање почит на споменикот во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, како и во Прилеп, со положување цвеќе на нивните вечни почивалишта и со панихида во црквата „Света Петка“ во Точила.
Пред комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп се одржа централното одбележување на 24 годишнината од нивната смрт, каде цвеќе положија голем број државни делегации, членови на семејството и пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии, здруженија на граѓани и здруженија на бранители. мч/дма/
фото: Министерство за економија и труд