• понеделник, 23 декември 2024

Закупите на станови „живнати“ од учебната година, не се очекува драстичен раст на цените

Закупите на станови „живнати“ од учебната година, не се очекува драстичен раст на цените
Скопје, 8 септември 2022 (МИА) - Побарувачката за закуп на недвижности на стартот на новата учебна и академска година почнува да се зголемува и ситуацијата е подобра од претходната година, меѓутоа не е како пред почетокот на пандемијата. Цените растат, меѓутоа имајќи ја предвид економската моќ на населението не се очекува толку драстично да се зголемат, велат за МИА од Групацијата за недвижности при Стопанската комора на Северна Македонија. Локациски, најголема побарувачка за закуп на недвижности има околу факултетите, како и во општините Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром на локации кои се во близина на образовните установи или каде има достапни автобуски линии за превоз на студентите. Најголем интерес за закуп на недвижности во главниот град, според информациите од агенциите за недвижности има за домување, а за деловен простор се помалку. Исто така, побарувачката во најголем дел е од домашни државјани, додека странци има се помалку. -Може да се каже дека пандемијата различно се одрази врз продажбата од една, и закупите од друга страна. Додека побарувачката за станови порасна, кај закупите не се забележа тој позитивен тренд. Состојбите се полоши од пред три години, посочуваат од Групацијата. Според податоците од Регистарот на цени и закупи, просечната цена за закуп на стан и во првите два квартала годинава кај скопските општини е највисока во Центар, а најниска во Ѓорче Петров. Во Центар, во првиот квартал годинава метар квадратен  станбен простор се издава во просек за 299 денари, по што следат Карпош  со 269, Аеродром со 260, Кисела Вода со 213, Гази Баба 198, Чаир 183, Ѓорче Петров со 164. Веќе во вториот квартал се забалежува мал раст, односно во Центар се плаќа по 303 денари по метар квадратен станбена површина, во Карпош 263, во Аеродром 241, Кисела Вода 202, Гази Баба 193, Чаир 174, а Ѓорче Петров 166 денари.
Име на општината Просечна цена по м2 станбен простор во денари
Центар 303
Карпош 263
Аеродром 241
Кисела Вода 202
Гази Баба 193
Чаир 174
Ѓорче Петров 166
-просечна цена на закупи на станови по метар квадратен во административни општини во Скопје за втор квартал  2022 година Пресметките, според просечните цени што МИА ги доби од Агенцијата за катастар на недвижности, покажуваат дека за стан од 40 квадрати во Центар киријата изнесува околу 200 евра, во Карпош 170 евра, во Кисела Вода 130 евра, во Гази Баба 125 евра, а во Ѓорче Петров 107 евра. Во однос на закупите на куќи нема некои поголеми промени како во поглед на побарувачката, така и во поглед на цените кои се зголемени, но не како кај становите. Деловни простори се издаваат под закуп помалку со оглед дека кризите предизвикаа негативни ефекти врз бизнисот. Дури и агенции за недвижности кои поголем сегмент од своето работење претходно посветувале на изнајмување деловен простор, во моментот посочуваат дека побарувачката е намалена. Меѓутоа, напоменуваат од Групацијата за недвижности, и во овој дел кога станува збор за атрактивни деловни простории, побарувачка има и тие се издаваат за краток временски период. Како што информираат за МИА од Управата за јавни приходи, од почетокот на годинава е  регистрирано дека 3 294 физички лица издавале под закуп или подзакуп недвижности на физички лица што е помалку за околу 1000 во однос на претходната годин, а 18 045 издавале недвижности на правни лица и на самостојни вршители на дејност. Лани приходи по овој основ се пријавени за издавање под закуп или подзакуп на  4 443 физички лица, како и на 19 537 правни лица и самостојни вршители на дејност.  Во 2020 година, пак, се пријавени  закупи и подазкупи од 5.202 физички и 19 000 правни лица и самостојни вршители на дејност, а во 2019 година нивниот број изнесувал 5.202, односно 19.606. Највисок износ на пријавени приходи има од издавањето недвижности на правните лица и самостојни вршители  на дејност во 2021 година, во износ од 7,1 милијарда денари со 640 милиони денари данок на личен доход.

ГОДИНА

Број на физички лица кои остваруваат доход од закуп и подзакуп на имот

Бруто пријавен приход

ДЛД

Исплатувач на доход

2019

6,495

790,441,794

102,041,244

Физичко лице

2019

19,669

6,654,261,558

889,655,006

Правно лице / самостојни вршители на дејност

2020

5,202

654,439,816

56,378,682

Физичко лице

2020

19,549

6,601,676,715

588,260,072

Правно лице / самостојни вршители на дејност

2021

4,443

634,783,242

54,638,814

Физичко лице

2021

19,537

7,176,909,596

640,024,689

Правно лице / самостојни вршители на дејност

2022

3,249

509,564,879

43,801,609

Физичко лице

2022

18,045

4,725,567,729

421,438,436

Правно лице / самостојни вршители на дејност

Од Управата за јавни приходи подготвува анализи, добиваат пријави и претставки, соработува и со други институции, и постапува по непочитување на обврските од Законот за данок на личен доход од страна на физички и правни лица во однос на пријавување и плаќање данок на личен доход од закуп и подзакуп. Врши и надворешни контроли кај даночни обврзници по однос на исполнување на законските обврски за пријавување и плаќање данок на доход од закуп и подзакуп. При контролите за даноци кај правни лица, се врши и проверка дали даночниот обврзник се јавува како закупопримач на имот врз основа на склучен договор за закуп и дали при исплата на кирија/наемнина која претставува приход за физичкото лице уредно пресметал и платил данок на доход. Во случај кога при надворешните контроли ќе се утврди дека не е пресметан и платен данок на доход по основ на остварен доход од закуп и подзакуп, даночниот обврзник се задолжува со данок на доход остварен од закуп или подзакуп. Во базата на Регистарот на цени и закупнини во првиот квартал годинава беа регистрирани вкупно 8.012 трансакции, од кои 5.919 продажби на недвижности и 2.093 закупи на недвижен имот.  Закупите што биле регистрирани во првиот квартал годинава се во вкупна вредност од 919.960 евра. Лидија Велковска     

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан