• недела, 22 декември 2024

Заклучоци од Самитот на ЕУ за проширувањето: Северна Македонија да го забрза усвојувањето на уставните измени (ДПЛ)

Заклучоци од Самитот на ЕУ за проширувањето: Северна Македонија да го забрза усвојувањето на уставните измени (ДПЛ)

Брисел, 14 декември 2023 (МИА) - Европската Унија е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, се наведува во вечерва усвоените заклучоци за проширувањето, Украина и реформите на Самитот на ЕУ.   

- Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени, се наведува во документот.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, потврдувајќи ја својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Унијата, лидерите на ЕУ воедно повикуваат на забрзување на процес на нивно пристапување во блокот.  

- Европскиот совет го нотираше дописот на Комисијата за новиот План за раст на Западниот Балкан, чија цел е да се забрза социо-економското поврзување меѓу Западниот Балкан и Европската Унија врз основа на строги услови и го охрабрува регионот да го забрза темпото на реформи поврзани со ЕУ и да ја унапреди регионалната економска интеграција преку заеднички регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ, се додава во заклучоците.  

Во документот се нагласува и дека Европскиот совет останува посветен на унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин заснован на заслуги.  

- Европскиот совет подвлекува дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Тоа е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикне вредностите на кои е основана Унијата. Гледајќи кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и идните земји-членки и ЕУ треба да бидат подготвени во моментот на пристапување. Работата на двете патеки треба да напредува паралелно. Кандидатите за членство треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ, се наведува во заклучоците. 

Во исто време, според европските лидери, Унијата треба да ги усогласи неопходните внатрешни основи и реформи, поставувајќи ги долгорочните амбиции и начините за нивно спроведување и решавање на клучните прашања поврзани со нејзините приоритети и политики, како и нејзиниот капацитет за дејствување, со што ЕУ ќе стане посилна и ќе се зајакне европскиот суверенитет. 

- Како што се проширува Унијата, успешната европска интеграција бара политиките на Унијата да бидат соодветни за иднината и да се финансираат на одржлив начин, врз основа на вредностите на кои е основана Унијата и институциите на ЕУ да продолжат да функционираат ефективно. Европскиот совет ќе се осврне на внатрешните реформи на своите претстојни состаноци со цел да се усвојат до летото 2024 година заклучоците за патоказ за идната работа, се наведува во документот, при што се посочува дека Европскиот совет ги поддржува заклучоците на Советот за општи работи за проширувањето од 12 декември 2023 година.  

Во заклучоците се потврдува дека лидерите донеле одлука за отворање на пристапните преговори со Украина и со Молдавија и се повикува на усвојување на преговарачките рамки, откако „ќе се преземат релевантните чекори утврдени во соодветните препораки на Комисијата од 8 ноември 2023 година“. 

Во однос на Грузија, се наведува дека е донесена одлука на земјата и се додели статус на држава кандидат за членство, додека за Босна и Херцеговина се наведува дека Европскиот совет ќе ги започне пристапните преговори откако таа ќе го постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство и се повикува Европската комисија да поднесе извештај до Советот за напредокот најдоцна во март 2024 година, со цел да биде донесена таква одлука. 

Во делот од заклучоците посветени на Украина се повторува решителната осуда на ЕУ на руската агресија врз Украина и се потврдува непоколебливата посветеност на Унијата да продолжи да обезбедува силна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на земјата и нејзиниот народ, онолку долго колку што е потребно. 

- Европскиот совет ја нагласува итната потреба да се забрза испораката на ракети и муниција, особено во рамките на иницијативата за артилериска муниција од еден милион куршуми, и да се обезбеди Украина со повеќе системи за противвоздушна одбрана... Европската унија и нејзините земји членки заедно со партнерите остануваат посветени на придонесот на безбедносните обврски кон Украина, што ќе и помогне на Украина да се одбрани, да се спротивстави на напорите за дестабилизација и да ги одврати актите на агресија во иднина, се додава во текстот. 

Заклучоците ја потврдуваат и посветеноста на ЕУ на напорите за обезбедување најширока можна меѓународна поддршка за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, како и апелот за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на земјата и нејзиното закрепнување и обнова. 

- Русија и нејзиното раководство мора да бидат целосно одговорни за водење на агресивната војна против Украина и за други најтешки злосторства според меѓународното право, како и за огромната штета предизвикана од нејзината војна. Европскиот совет ги охрабрува понатамошните напори за формирање на трибунал за гонење за кривичното дело агресија против Украина, кој би уживал најширока меѓурегионална поддршка и легитимитет, како и иден механизам за компензација, се додава во заклучоците. 

ЕУ го повторува својот повик до Русија и Белорусија веднаш да обезбедат безбедно враќање во Украина на сите незаконски депортирани и префрлени украински деца и други цивили, а во исто време се повикува на дополнително зајакнување на санкциите кон Москва и преку нивно целосно и ефективно спроведување и се осудува континуираната воена поддршка за руската агресија што ја обезбедуваат Иран, Белорусија и Северна Кореја.  

- Европскиот совет ја нагласува важноста на безбедноста и стабилноста во Црното Море. Од витално значење е извозот на жито од Украина да биде одржлив и да стигне до светските пазари. Европскиот совет ги поддржува сите напори за олеснување на извозот на жито и други земјоделски производи од Украина во најпотребните земји, особено во Африка и на Блискиот Исток, се наведува во делот од заклучоците посветени на Украина. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан