• понеделник, 23 декември 2024

„Заклетвата на Хасан“, „Клара Сола“ и „Франкенштајн“ денеска на програмата на Филозофски филмски фестивал

„Заклетвата на Хасан“, „Клара Сола“ и „Франкенштајн“ денеска на програмата на Филозофски филмски фестивал
Скопје, 4 јуни 2022 (МИА) - Со проекција на два филмови од официјалната селекција на долгометражни филмови и еден од ревијалната програма: Филм-философија, денеска продолжува главната програма на 12. Филозофски филмски фестивал. Поточно, во кинотечната сала во Кинотеката денеска ќе се прикаже филмот „Заклетвата на Хасан“ на турскиот режисер Семих Капланоглу. Филмот е морална приказна која го осуетува лицемерието на семејствата на селските земјоделци и која покажува како гордоста може да надвладее над лицето на понижувањето. Претстоечкиот аџилак на Хасан, всушност е пригода за согледување на грешките од минатото и можност за патување до покајанието, пред сè, преку барањето прошка од сите оние на коишто им згрешил, а особено земањето благослов од човекот пред кого тој чувствува најголема вина – неговиот брат. Инаку, „Заклетвата на Хасан“ на Капланоглу беше прикажан во селекцијата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал 2021, потоа на фестивалите во Чикаго и Карлови Вари, а доби и награда за најдобар странски филм во Сао Паоло од филмските критичари. Подоцна во текот на денот премиерно за македонската публика ќе биде прикажан филмот „Клара сола“ на Натали Алварез Месен Во филмот главната хероина Клара е вклештена во вкрстен оган помеѓу патерналистичкото однесување на семејството и инхибицијата на  природните страсти и нагони. Обвиен во едно дискретно руво на магичниот реализам, филмот на Натали Алварез Месен ни пренесува една интимна приказна за духовното будење и експлозијата на скриената и поттиснувана женска сексуалност на дистанцираната и помалку необична Клара. „Клара Сола“ премиерно беше прикажан во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал во 2021 година, беше дел од селекциите и на BFI Лондонскиот филмски фестивал и Солунскиот филмски фестивал (Специјална награда од жирито) и е добитник на Наградата за најдобар игран филм и Најдобра актерка (Венди Чинчила Араја / Wendy Chinchilla Araya) на меѓународниот фестивал во Сао Паоло. И двата филма се дел од компетитивната програма на официјалната селекција на долгометражни филмови, а гласовите на присутните одлучуваат за наградата „Златен був“ од публика. Вечерната програма е резервирана за класикот „Франкенштајн“ како дел од Ревијалната програма: Филм-философија. Филмската класика од 1931 година, „Франкенштајн“ на режисерот Џејмс Вејл, е еден од првите позначајни научно-фантастични филмови. Тој е адаптација на драмата напишана од Пеги Веблинг во 1927 година, која, пак, е направена врз основа на романот „Франкенштајн, Модерниот Прометеј“ на Мери Шели од 1818 година, кој раскажува за опседнат научник што собира делови од лешовите со намера да состави ново живо суштество. Ова суштество има потреба од нежност и приврзаност, но од најголем дел од луѓето добива само суровост и одбивност. Главната програма на Филозофскиот филмски фестивал трае до 9 јуни во Кинотеката, а целата програма ја има на „philosophicalfilmfestival.mk“.бт/сст/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан