Заедничкиот контингент меѓу Бугарија, Австрија, Романија и Унгарија за чување на бугарско-турската граница официјално започна со работа
- Официјалната церемонија со што ќе се означи почетокот на активностите на заедничкиот офицерски контингент од Бугарија, Австрија, Романија и Унгарија за чување на бугарско-турската граница ќе се одржи денеска во Свиленград, соопшти бугарското Министерството за внатрешни работи.
Софија, 3 февруари 2025 (МИА) - Официјалната церемонија со што ќе се означи почетокот на активностите на заедничкиот офицерски контингент од Бугарија, Австрија, Романија и Унгарија за чување на бугарско-турската граница ќе се одржи денеска во Свиленград, соопшти бугарското Министерството за внатрешни работи.
Домаќин на настанот е бугарскиот министерот за внатрешни работи Даниел Митов. Тој ќе ги пречека колегите од Романија - Каталин Предоју и од Унгарија - Шандор Пинтер, како и делегација предводена од Франц Руф - генерален директор за јавна безбедност на Сојузното Министерство за внатрешни работи на Австрија.
Програмата на делегациите опфаќа посета на зелената граница во реонот на граничниот премин Капитан Андреево, потпишување заеднички документ со кој се регулира постапувањето на контингентот од страна на шефовите на надлежните структури во присуство на министрите, како и брифинг за медиумите.
На крајот на ноември 2024 година, тогашниот вршител на должноста министер за внатрешни работи Атанас Илков посочи дека се планира во обезбедувањето на бугарско-турската граница да се вклучи заеднички контингент од 100 граничари од Бугарија, Австрија, Романија и Унгарија. Разбирањето на четирите земји е дека заштитата на надворешните граници на ЕУ треба да биде заедничка одговорност, рече тогаш Илков.
-На никаков начин нема да дозволиме мигрантски притисок преку бугарско-грчката граница, изјави на почетокот на годинава директорот на Граничната полиција, главниот комесар Антон Златанов, по повод полноправното членство на Бугарија во Шенген. „Во текот на целата година кажуваме дека годишниот извештај и годишната анализа покажуваат дека имаме 70 проценти намалување на обидите за влез и 46 отсто помалку луѓе кои влегуваат во земјава. Оваа година, целите што реално си ги поставивме се да ги задржиме овие бројки, а не толку да ги подобриме“, додаде главниот комесар. мс/
фото: МИА архива