• понеделник, 23 декември 2024

Заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје

Заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје
Скопје, 24 мај 2022 (МИА) – На Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, денеска во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи литургијата, со која ќе чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ-ОА и СПЦ, архиепископот охридски и македонски Стефан и патријархот српски Порфириј. Литургијата, која ќе почне во 9 часот, ќе биде отворена за верниците. Заедничкото сослужување на двајцата поглавари, доаѓа по надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристичкото општење, откако Вселенската патријаршија донесе одлука МПЦ-ОА да ја признае за канонска црква. Со заедничката литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ-ОА и владици на СПЦ. На крајот на Божествената литургијата двајцата поглавари ќе имаат обраќања. Претходно, на 19 мај, двајцата поглавари служеа заедничка архијерејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, на покана на српскиот патријарх Порфириј. По ова, следеше покана од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, за заедничка литургија во храмот „Св. Климент Охридски“ во Скопје на Денот на сесловенските просветители светите рамноапостоли Кирил и Методиј. Заедничката литургија е во рамки на канонската посета на делегација на СПЦ, предводена од патријархот Порфириј, која вчера пристигна во Скопје. Делегацијата ја сочинуваат дваесет лица, меѓу кои и осуммина владици на СПЦ. На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење. Денешната заедничка литургија следи откако вчера во Белград заврши Соборот на Српската православна црква, кој на 16 мај го потврди статусот на најширока можна автономија за МПЦ-ОА, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година. Во вчерашното соопштение објавено на официјалниот сајт на СПЦ, покрај повеќе одлуки кои се донесени на овој Собор, се споменува и заедничката литургија во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, со кој се воспостави евхаристичко општење и канонското единство помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА. – Во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ, Српската православна црква ќе се води само од канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под на ничие влијание или притисок. Соборот на СПЦ нема намера после решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јуриздикција во матичната земја и дијаспората, со препорака на истата прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со гркофонските и другите православни цркви, се наведува во соопштението од Соборот на СПЦ. Спорот меѓу двете сестрински цркви почна на 17 јули 1967 година, кога Третиот црковно-народен собор свикан од Светиот синод на МПЦ на свечена седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. По ова, Светиот архиерејскиот собор на СПЦ ја прогласи МПЦ за расколничка организација и го прекина богослужбеното и канонското единство. По 55-години раскол, на 9 мај Вселенската патријаршија, ја прекина изолацијата на МПЦ-ОА и ја призна за канонска црква, по што односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА почнаа да се затоплуваат. Со оваа одлука на Вселенската патријаршија му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија“ и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви. Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава“. На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски“, кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија. – Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат“, истакна вселенскиот патријарх. Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука“ на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот. Инаку, поради денешната втора заедничка литургија на поглаварите на двете цркви, во Скопје ќе има посебен режим на сообраќајот. За сообраќај ќе бидат затворени булеварот „Партизански одреди” од крстосница со улицата „Аминта Трети” до крстосница со булевар „ВМРО”, како и улицата „Св. Климент Охридски” од крстосница со булевар „Илинден” до крстосница со улица „Димитрие Чуповски”. ир/сп/ Тв преносот во живо  можете да го следите тука

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан