• петок, 30 август 2024

Заедничка изјава од Неформалниот состанок на А5: Посветеност на основните начела на Повелбата, вклучително и на политиката на „отворени врати“

Заедничка изјава од Неформалниот состанок на А5:  Посветеност на основните начела на Повелбата, вклучително и на политиката на „отворени врати“

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - САД - Јадранската повелба во изминатите 20 години, произведува безбедност и стабилност во овој дел на Европа и останува уникатен форум за соработка, кој и натаму има важна улога во процесот на евроатланска интеграција на земјите од регионот. Земајќи го предвид  фактот дека околностите се драматично променети со руската воена агресија врз Украина, членките на А5 иницијативата и натаму остануваат посветени на основните начела на Повелбата, вклучително и на нејзината политика на „отворени врати“, изразувајќи волја за што поскоро разгледување на официјалното барање на Косово за членство во Повелбата.

Ова се вели меѓу другото во Заедничката изјава на учесниците на неформалниот министерски состанок на САД - Јадранската повелба, што се одржа денеска во Скопје под претседателството на Северна Македонија. 

Следува Заедничката декларација од неформалниот министерски состанок на А5 иницијативата 

1.Ние, Министрите за надворешни работи на Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија и Претставниците на Република Хрватска, Црна Гора и Соединетите Американски Држави, се сретнавме во Скопје на 28 март 2023 г. под Претседателство на Република Северна Македонија на неформален состанок на Партнерската комисија на Јадранската повелба. 

2.Изразуваме благодарност до претставниците на Косово,*1Србија и Словенија за нивното присуство на состанокот во својство на набљудувачи, како и за нивната вкупна поддршка во рамки на Повелбата. 

3.Оваа година ја одбележуваме 20 годишнината од формирањето на Јадранската повелба. Во изминатите 20 години, Повелбата произведува безбедност и стабилност во овој дел на Европа. Повелбата беше и останува уникатен форум за соработка, кој и натаму има важна улога во процесот на евроатланска интеграција на земјите од Регионот. Истовремено со активностите за постигање на нејзините основни цели, Повелбата исто така придонесе кон спроведувањето на националните реформски процеси и значително го подигна нивото на регионална соработка.  

4.Го земаме предвид фактот дека 20 години по формирањето на Повелбата околностите се драматично променети. Руската воена агресија врз Украина од темел ја смени европската безбедност со особено тешки последици, вклучително и за нашиот Регион. Нашите демократски општества се изложени на најразлични видови не-воени, асиметрични и хибридни закани од државни и недржавни актери, како што се сајбер напади, кампањи со манипулирање на информациите, странско вмешување во внатрешните работи и економска присилба.  

5.Со оглед на актуелните предизвици и закани и потпирајќи се на демократските вредности, се залагаме за продлабочување на регионалната соработка, како што е соодветно, давајќи заеднички, стратешки и координиран одговор, преку размена на информации, искуства и најдобри практики, во справувањето со новите и заканите што се појавуваат. Во овој контекст, натаму се залагаме да ја зајакнеме нашата заедничка соработка во целите на уште поделотворна борба против сајбер и хибридните закани, како и да продолжиме да соработување со цел натаму да ги унапредиме нашите способности на рамниште на највисоките стандарди на НАТО и ЕУ на ова поле. За оваа цел, како што е наведено во Заедничката изјава донесена во декември 2022 г. за време на црногорското Претседателство со Повелбата, го охрабруваме процесот на натамошно прилагодување на Повелбата. 

6.Силно ја осудуваме руската воена агресија врз Украина, која предизвика огромно страдање за народот на Украина. Оваа војна исто така ги поткопува безбедноста и стабилноста во Европа и претставува сериозен напад врз меѓународниот поредок заснован на правила. 

7.Го изразуваме нашето особено почитување за отпорноста и храбрата одбраната од страна на Украина, нејзината армија и народ низ сè уште тековната неоправдана агресија од Русија. Повторно ја изразуваме нашата одлучна поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во рамките на нејзините меѓународно признати граници. Украина има инхерентно право на самоодбрана за да ја обезбеди сопствената независност и суверенитет и право самостојно да ги избере сопствени безбедносни аранжмани. 

8.Од почетокот на целосната руска инвазија, обезбедивме политичка, практична и хуманитарна помош за Украина. До денес, одредени земји членки на Повелбата придонеле со приближно 32,7 милијарди американски долари воена помош. Исто така, земјите членки на Повелбата донирале околу 1.62 милијарди американски долари хуманитарна помош. Подготвени сме да ја зголемиме ваквата поддршка преку заеднички мерки за зајакнување на способноста на Украина да ја одбрани сопствената независност и територијален интегритет. 

9.И натаму остануваме посветени на основните начела на Јадранската повелба, вклучително и на нејзината политика на „отворени врати“, и ја изразуваме нашата волја што е можно поскоро да го разгледаме официјалното барање на Косово за членство во Повелбата.  

10.Ја цениме иницијативата и напорите на Република Северна Македонија за соодветно проширување на опфатот на соработката во рамките на Јадранската повелба за време на нејзиното Претседателство, вклучително и организирањето на овој неформален состанок на кој се разгледуваа актуелни и суштински теми, стои во Заедничката декларација.

САД - Јадранската повелба претставува најважната иницијатива за промоција на евроатлнатските вредности во регионот.  САД се стратешки партнер на иницијативата, а покрај Северна Македонија членки на иницијативата се и Албанија, БиХ, Хрватска и Црна Гора, додека Косово, Србија и Словенија имаат статус на земји набљудувачи. вг/бак/

 

Фото: МНР

Остани поврзан