• недела, 22 декември 2024

Заев: Ќе прифатам дуел со Мицкоски кога ќе има суштина

Заев: Ќе прифатам дуел со Мицкоски кога ќе има суштина
Скопје, 2 јули 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев вели дека не прифаќа ТВ дуел со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за разговорите со Бугарија, потенцирајќи дека не избегнува дуели, туку дека ќе прифати кога навистина ќе има суштина или потреба. Во интервју за ТВ 21, Заев потсетува дека досега пет пати прифатил дуел со Мицкоски. -Прочитав што е причината, за разговорите со Бугарија. Мислам дека имаме многу што да посветиме време на поконкретни работи отколку да разговараме на таа тема која што е јасна за целиот наш народ. Сите детали се знаат, целиот регион знае, цела Европа знае и сега ние треба да дискутираме со него за прашањето и проблемот што го имаме со Бугарија, Не, мислам дека не треба. Не избегнувам дуели и ќе прифатам кога навистина ќе има суштина или потреба, рече Заев. Иако на целиот свет му е јасно дека никој не разговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик и тоа го потврдуваат сите, рече Заев, само на Мицкоски му треба декларација за македонскиот народ и македонскиот јазик. – Имајќи предвид дека ме обвинува мене дека јас сум виновен за ветото од Бугарија, а истовремено ме обвинува дека јас правам предавство на македонскиот јазик и македонскиот народ, не само што е контрадикторно, туку е условено едно од друго. Ако направиш предавство, досега требаше ветото да биде тргнато, или е од другата страна - ако ветото опстојува, така значи дека се штитат националните интереси, рече Заев, повторувајќи дека  земјава мора да ги штити своите национални и државни интереси. лв/бак/

Остани поврзан