• понеделник, 23 декември 2024

Заев: Утре ќе се сретнам со Џафери и ќе разгледаме можности за деблокада на Собранието

Заев: Утре ќе се сретнам со Џафери и ќе разгледаме можности за деблокада на Собранието
Скопје, 24 март 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев денеска од Велес најави дека утре ќе одржи средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, со цел, како што рече, да се разгледаат одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието. Изрази надеж дека блокадата на Парламентот е од времен карактер поради позитивни пратеници на Ковид-19, по чие враќање ќе се стави во функција Собранието за поголем дел од точките на дневен ред и поважните закони. -Еден дел од важните закони за жал се изблокирани. Горчината што ја носиме сите ја носам и јас. Да се блокираат законите што живот значат за помош за последиците од пандемијата е навистина неразумно и верувам дека ќе има разумност. Во четврток се пратенички прашања во Собранието. Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието, веројатно и со претседателот на ДУИ да разгледаме одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието, рече Заев. Со цел деблокада на Парламентот, Заев посочи дека сите опции се на располагање, од средби на координатори на пратенички групи па се до лидерска средба и вонредна состојба, како што нагласи, „за да се ослободат институциите да носат одлуки што се од животно значење за нашиот народ“. -Утре ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници, сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство. Сите сме за Закон за државјансто, и македонската опозиција и македонската владејачка партија и албанските владејачки, сите сме. Треба да го најдеме начинот според европски стандарди и принципи и механизми. Да ги најдеме доказите како да им дадеме државјанство на тие наши граѓани, рече Заев. Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара утре пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже седница со дневен ред со четирите закони што се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба, потенцирајќи дека „иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и граѓаните, сепак истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“. нд/ац/    

Остани поврзан