• недела, 22 декември 2024

Заев: Стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања за сомневањата кон Анѓушев

Заев: Стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања за сомневањата кон Анѓушев

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Поранешен премиер Зоран Заев, во соопштение до медиумите, вели дека САД се стратешки пријател и партнер на Северна Македонија, и порачува дека стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено - економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој неодамна беше ставен на црна листа од американскиот Стејт департмент.

- Сметам дека јас лично, а и како поранешен Претседател на Владата сум исто така пријател на САД. Тоа сум го потврдил низ конкретни примери во текот на моето работење. Тоа јавно го имаат и потврдено највисоки претставници на САД. Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт Департментот за забрана за влез во САД на поранешниот Вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил Премиер така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено - економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев, вели тој.

Според Заев, Кочо Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека тој бил премиер.

- Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер, кој е и професор, но пред се и успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата. Како премиер, ми беше чест што имав таков соработник кому економијата и државата му беа секогаш на прво место. Знаеше да каже и покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватните деловни планови, нагласува Заев, во соопштението.

Сите шпекулации, Заев вели дека ги смета за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор.

- Анѓушев е мој пријател и соработник кој исклучително го почитувам. Јас го замолив мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата подршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави, нагласува Заев. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан